Му благодарам на режисерот Бранислав Миќуновиќ што со оваа претстава ни го врати Горан Стефановски дома. Допрва ќе разбереме кое место го заслужува тој во нашата вкупна, не само театарска уметност, туку и литература, рече денеска актерката Софија Куновска, на прес-конференцијата по повод премиерата на преставата „My name is Goran Stefanovski“ која е закажана за 31 март во 20 часот во Драмскиот театар Скопје.

Драмски театар Скопје најавува три премиерни изведби на претставата My Name is Goran Stefanovski (Моето име е Горан Стефановски) во режија на Бранислав Миќуновиќ. Првата е на 31 март во 20 часот, а следните две се на први и на втори април. Ова е поради се уште важечките ковид-протоколи во државата, рече директорката на Драмски, Катерина Коцевска, која најави дека првата репреза е на 5 април. Картите за премиерите се распродадени.

Мојата прва претстава во Драмски беше на дело на Горан Стефановски. Тоа беше „Тетовирани души“ во режија на Паоло Маџели. Работев и една многу значајна претстава за македонската драматругија и за севкупната театарска уметност во Македонија, а тоа е „Чернодрински се враќа дома“, исто така по текст на Горан Стефановски. Како аманет за младите можам да порачам овој театар да не го оставаат без текст на Стефановски на репертоар. Горан е нашиот Шекспир, нашиот Чехов, но и нашиот Сократ. Проблемите со кои се соочува нашето општество се опишани во делата на Стефановски, но исто така и одговорите, рече Куновска, која во својата кариера играла во неколку претстави работени по текст на Стефановски и тоа токму на сцената на Драмски: „Тетовирани души“, „Кула Вавилноска“, „Чернодрински се враќа дома“, „Диво месо“, „Лет во место“.

Претставата е опишана како интимна посвета на еден од најзначајните македонски и европски драматурзи, а содржи сцени од седум негови драми: „Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Евроалиен“ и „Одисеја“. Ниту една од нив не е играна на сцената на Драмски. Нив во една целина ги адаптираше драматургот Бранислава Илиќ.

Во Драмски театар се изведени 14 премиери по текст на Горан Стефановски, од кои 12 се праизведби. Со оваа претстава правиме едно заокружување на неговата работа, рече Коцевска.

Режисерот Миќуновиќ рече дека претставата се родила од неговата посветеност кон делото на Горан и од сеќавањето на нивното пријателство.

Ова е моја посвета на неговиот опус кој низ неколку негови драми сакав да го претставам пред современата театарска јавност и уште еднаш да потсетам на тоа дека неговите катарзични теми се уште актеулани, рече Миќуновиќ.

Во изминативе години, особено во период на пандемија, се отворија многу прашања на кои Горан, да беше жив, сигурно ќе одговореше лично, ќе заземеше став и ќе напишеше нова драма, смета драматургот Илиќ.

Оваа претстава не може да го надомести отсуството на еден од најзначајните драмски писатели и драматурзи на овој простор, но може да ни укаже дека она што ни се случува и како живееме денес, веќе е запишано во неговиот опус, рече денеска на прес-конфренцијата Илиќ.

Во претставата играат: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ и Дамјан Цветановски.

Сценограф е Александар Дениќ, а костимите ги изработи Роза Трајческа Ристовска. Во претставата се користи авторска музика на Влатко Стефановски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.