На Големата сцена во Белградскиот Народен театар, се одржа балетскиот гала спектакл насловен „Романса во движење“, со учество на балетски ѕвезди на Народниот театар од Белград и национални театри од регионот.

На иницијатива на Народниот театар во Белград, на истата сцена се собраа балетските ѕвезди од седум театри и шест земји од регионот – Хрватскиот народен театар во Загреб (Хрватска), Сараевскиот народен театар (Босна и Херцеговина), Македонската опера и балет, Скопје, Словенечкиот народен театар Марибор (Словенија), Операта и балетот Софија (Бугарија) и Српскиот народен театар Нови Сад (Србија). Од Македонската опера и балет учествуваа балетските првенци Мими Поп Алексова Атанасовска и Бобан Ковачевски. Тие го изведоа дуетот од балетската претстава „Ана Каренина“ на Чајковски по кореографија на Лео Мујиќ.

Едно од најпознатите светски литературни дела „Ана Каренина“ од крајот на 19 и во целиот 20 век, претставувало инспирација за многу театарски и филмски креации. Овојпат беше инспирација за кореографот Мујиќ од Хрватска. Чајковски во својот прекрасен опус често бил инспириран од делата на руската и светска класика, но никогаш не искористил дело од Толстој. Сепак, за романтична приказна како што е „Ана Каренина“, како најсоодветна се покажа токму неговата музика. (Во македонското кореографско видување, искористение се делови од: Концертот во D-dur за виолина и оркестар, Симфонијата во b-moll, Сентименталниот валцер, Петтата симфонија вo e-moll, Шестата симфонија во b-moll и Елегијата во g-moll).

Публиката го поздрави перформансот на ансамблот во Белград со долги аплаузи и овации. На репертоарот беа љубовните дуети од најпознатите балетски класици и делата на еминентните кореографи од регионот , покрај Лео Мујиќ, тука беа и Едвард Клуг, Сташа Зуровац, Крунислав Симиќ и Роналд Савковиќ.

Оваа соработка е прослава на разновидното изразување на љубовта преку балетот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.