По две години ограничувања поради пандемијата, оваа година се одржува 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал, и ќе трае до 26 февруари. На програмата на Берлинале се повеќе од 300 филмови, а првата проекција беше комедијата „She Came to Me“ во која главните улоги ги толкуваат Ен Хатавеј, Мариса Томеи и Питер Динклиџ, со политички фокус на Иран и Украина. Берлиналето, кое од трите големи европски филмски фестивали го има најсилниот политички фокус, ќе ја одбележи првата годишнина од војната во Украина и протестите против режимот во Иран со нови играни и документарни филмови.

Македонската кинематографија на годинешниот филмски фестивал „Берлинале“ беше претставена од 2 филмови. Филмот „М“ во режија на македонскиот режисер Вардан Тозија и „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски кој беше прикажан на Европскиот Филмски маркет. Филмот на Тозија  е фантастична бајка која ја раскажува приказната за осумгодишниот Марко, кој во дистопискиот и опасен свет на нашата блиска иднина е во потрага по својата мајка.

Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, а маскер е Горан Игњатовски. Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ Вејзовиќ. Продуцент на „М“ е Фокус покус филмс од Скопје, а филмот е официјална копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.

Музиката во „Бизнисот на задоволството“ е на Димитар Андоновски. Се работи за трилер во кој новинар истражува случај поврзан со трговија со луѓе, каде посебен акцент е ставен на насилството врз жените. Пораката на филмот е оптимистична – дека, сепак, правдата е посилна од неправдата.

Ова е прв игран филм на Цветановски. Филмот е по негово сценарио, а главната улога ја толкува актерката Слаѓана Вујошевиќ. Општествено-ангажираниот филм, кој има модерен и урбан пристап, се снимаше главно во Скопје и на една локација во Куманово. Директор на фотографијата е Фејми Даут.

Жирито на Берлинале оваа година е предводено од холивудската ѕвезда Кристен Стјуарт, која на 32-годишна возраст е најмладиот претседател во историјата на фестивалот.

Деветнаесет филмови се натпреваруваат за главните награди Златна мечка и Сребрена мечка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.