Во рамки на одбележувањето на Денот на Европа, вечерва на големата сцена во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно ќе биде изведена преставата „Народен непријател” од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ.

Претставата е дел од проектот „Патиштата на хероите” поддржан од програмата на „Креативна Европа”, а во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.

Претставата се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој има право.

Драмскиот текст на Ибзен е напишан во 1882 година и како што вели во интервју за „Репубика“ Николиќ, текстот за нас е поактуелен од кога и да било, зашто јасно ја отсликува стварноста во која живееме.

„Народен непријател” отвора важна дилема во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај? Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно, велат од МНТ.

Овој текст не содржи ниту еден елемент кој не се однесува на нас денес. Игнорантниот однос на мнозинството кај нас ескалира и опишува дека позади скандинавските држави сме може и повеќе од еден век, вели актерот Благој Веселинов.

Драматург на претставата е Тамара Барачков, преведувач на драмскиот текст е Маја Трајановска-Ивановска, сценографијата е на Вишња Вујовиќ. Костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на светло Крис Јегер, композитор е Јоргос Дусос, а кореографијата е на Карис Пекливанидис.

Улогите во претставата ги толкуваат Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви, и Мартин Ѓоргоски.

Претставата ќе биде повторно изведена и на 10 мај, а билетите се достапни на веб-страницата на МНТ како и на билетарницата во Македонскиот народен театар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.