Од 18 до 21 септември во Скопје ќе се одржи јубилејното, 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, единствен од ваков формат во регионот на кој доаѓаат врвни но и писател(к)и во подем, како и многу познати издавачи од странство.

Дејан Трајкоски е идеен творец и директор на „Про-за Балкан“, член на Друштвото на писателите на Македонија и на Интернационалната федерација на филмски критичари Фипресци. Тој е дипломиран професор по филозофија и поранешен новинар во дневниот весник „Вечер“, а на културната јавност ѝ е познат како писател и автор на романите „Вистина, љубов (Рашомонијада)“ и „Неверство“ за кој ја доби наградата Македонска книжевна авангарда.

Запрашан како е да се организира литературен Фестивал каде што гостите се актуелни и пред сè атрактивни, а воедно да биде задржано и високото ниво на професионалност, Трајкоски во интервју за „Република“ вели дека е многу е тешко, и во исто време, многу е лесно.

Некаде на средина, веројатно, лежи одговорот, вели Трајкоски.

Годинашна добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот е македонската писателка Оливера Николова, мајката на сите писателки. Гости на годинашното издание на „ПРО-За Балкан“ се писателите Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Владислав Бајац, Елена Алексиева и Томислав Османли. Во рамки на фестивалот ќе се одржи и разговор со хрватскиот режисер и сценарист, Рајко Грлиќ. Нивното творештво ќе биде промовирано на отворањето на манифестацијата, в недела на 18 септември, во 20 часот, што ќе се одржи во Даут-пашиниот амам, во Националната галерија.

Во рамки на фестивалот ќе се одржи и разговор со хрватскиот режисер и сценарист, Рајко Грлиќ, чиј филм „Караула“ ќе биде прикажан на 21 септември во Кинотека. Разговорот со него е планирано да биде понеделнички, на 19 септември, на вториот фестивалски ден од 20 часот во кафе-книжарницата„Буква“ каде, пак, од 21 часот Бранислав Николов ќе одржи уметнички перфоманс како дел од промоцијата на неговата трета поетска книга, „Полиграф“. Во рамки на 10-то издание на „Про-За Балкан“ ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Литература/општество/критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси).

Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ оваа година слави јубилеј 10 години. Вие сте идеен творец на Фестивалот. Кои се Вашите оценки? Ги задоволивте личните критериуми?

ТРАЈКОСКИ: Да. И не.
Да: Затоа што започнавме фестивал со Прокопиев, Лафазановски и Мадешовски, во време кога во Скопје речиси немаше прозни настани со писатели од надвор. Од тој аспект, Скопје како да беше во некаква прозна тишина, само повремено раздрмано од некој случаен сон. Да, и затоа што на фестивалот доаѓаат големи но и писател(к)и во подем, како и видни издавачи од странство. Сакавме да направиме сè, само не некаков вид на паланечко-книжевен туризам. Еве, оваа година дури и Саемот на книга во Лајпциг, вториот по големина во Германија, најави програма посветена на издавачи, со речиси ист формат како нашата „Скопје fellowship“ програма. Во Скопје беше уредничка од Зуркамп, а сега доаѓа уредничка од Галимар. Две професионалки кои што доаѓаат од топ пет најпосакувани фирми во своето поле во Европа. Редок е ваквиот случајот на манифестации од другите уметности во Скопје.
Не: Затоа што… Знаете, сега е време за славење. Ќе ги оставиме буквите од куршуми и пукањата во празно, и ќе славиме. Ако можевме вака 10 години, ќе можеме најмалку уште толку.

Што е потребно за да се одржи Фестивал од ваков формат каков што е Про-За Балкан? Колку логистика, лични контакти, организациски способности се потребни?

ТРАЈКОСКИ: Прво, за тие наши десетгодишни (не)услови, потребен е професионален тим кој што сака да работи и во речиси волонтерски услови. И на тоа сум најмногу горд – фестивалот го работиме 10 години со речиси истиот тим. А личните контакти, тие се можеби најважните. Особено во првите години, кога Македонија речиси ја немаше на мапата. Втората фестивалска година во Скопје дојде една од најпрочуените литературни скаути во светот, Ен Луис Фишер. Луѓе како неа, кои работат за најголемите светски издавачи и имаат моќ на одлучување, не доаѓаат на неистражена мапа туку така. Прокопиев и Лафазановски веќе имаа создадено нивна мрежа на познанства, кои беа клучни.

Тимот на „ПРО-ЗА Балкан“

Веќе десетта година по ред, дури и во услови на епидемија на ковид-19 успеавте да го задржите високото ниво на професионалност, актуелност и атрактивност во гостите кои доаѓаат на Фестивалот. Како ви успева?

ТРАЈКОСКИ: Многу е тешко. И во исто време, многу е лесно да се направи фестивалот. Некаде на средина, веројатно, лежи одговорот. Турскиот поет Орхан Вели (во препев на Васко Марковски), вака пее: „Та, оваа брада не ја обелевме на воденичар“.

Сакавме да направиме сè, само не некаков вид на паланечко-книжевен туризам, вели Трајкоски

Што значи за македонската литература одржувањето на Фестивалот Про-За Балкан?

ТРАЈКОСКИ: Фестивалот Про-За Балкан е вмрежување на нашите писатели и издавачи со писателите од регионот и книжевните професионалци од светот. Макар и една соработка да произлегла од сето ова, макар и едно гостување (а се случило многу повеќе), би биле слободни да го парафразираме Милтон Манаки, и да речеме: „ Ако ова чини, сме завршиле голема работа“

Импозантна е листата на гости на Про-За Балкан, од Миљенко Јерговиќ, Анте Томиќ, Мирча Картареску, Басара, Попов, оваа година Рајко Грлиќ, Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Владислав Бајац, Елена Алексиева. Какви се нивните впечатоци? Какви анегдоти или случки имате со нив, а кои може да ги откриете на јавноста? Кој што сака да прави кога е во Скопје?

ТРАЈКОСКИ: Ги има многу.
Речиси непознато е дека на фестивалот се сретнаа издавач од Германија и Македонка, и после тоа приказната се преточи во брак. Исто, драго ни беше што пред неколку години неколку од писателите не сакаа да си одат од Скопје. Драго ни беше и кога Јерговиќ кажа дека првата смрт со која се сретнал, била смртта на Немечек. Оти, на многумина од овие простори, првата смрт со која се сретнаа, им беше таа на Немечек. Само што многумина заборавиле. Па тука е писателот, да нè потсети.
Една од тажните анегдоти е кога еден од амбасадорите, пред повеќе години, за време на големите протести од позицијата и од опозицијата, одеше половина час пеш, низ таа гужва од знамиња, за да стигне на отворањето. И не виде нас стотина, како некаков контрапункт на 50.000 или 100.000 луѓе на улица (зависно дали информацијата беше лиферувана од позицијата или опозицијата), како зборуваме за литература, како во некое стаклено ѕвоно. Мислам дека и Дон Кихот да нè видеше, ќе се посомневаше во нашата разумност. Или, пак, можеби немаше да се посомнева…

Трајкоски во друштво со бугарскиот писател Алек Попов и Светослав Басара од Србија

Дали Про-За Балкан успеа да се наметне како Фестивал кој ќе ги отвори патиштата за нормална комуникација со регионот?

ТРАЈКОСКИ: За да се отворат патиштата потребно е да се пука од повеќе места, со различни арсенали. Нашиот фестивал е само еден дел од алката. Знаете, колку што се сее, толку се жнее.

Кои се идните планови за следната десетолетка на Про-За Балкан?

ТРАЈКОСКИ: Во вакви општествени околности, како во изминатите 10 години, да се разговара за идни планови е како да кроите приказна од шилци, место од пердуви. Најдраго ми е што неколку од писателите, како Миљенко Јерговиќ, Андреј Блатник…, беа наши гости неколку пати. Обично, луѓето се враќаат само каде што им е топло. Сакам така да продолжиме.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.