Балканска приказна беше голема шанса за мене. Додека тимот на ТВ серијата се подготвуваше за снимањата овде во Скопје, дојдоа на кастинг во Турскиот театар во Скопје, а јас бев една од пријавените актери на таа аудиција. Еден месец подоцна ми јавија дека сум ја добила улогата на Ајшен. Навистина сакав да бидам дел од оваа серија која што се снима во Скопје”, вели младата актерка од Македонија Емине Халил која стана препознатлива не само во Македонија туку и во Турција по ликот на Ајшен од новата турска серија „Балканска приказна“.

Емине Халил, која живее во Скопје потекнува од мешано турско, албанско и босанско семејство. Со глума професионално се занимава од 2013 година. Дипломирала на Драмскиот факултет во Скопје, работела на повеќе театарски претстави и филмови, но ова е нејзино прво искуство во ТВ серија.

Во турската серија „Балканска приказна“ која веќе неколку месеци се снима во Скопје и се прикажува на Турската национална телевизија ТРТ 1, Емине ја толкува улогата на младата Ајшен. Вели дека ликот го доживува како мало дете кое не пораснало поради траумите што ги доживеала во минатото.

Ајшен сака сите во семејството да бидат среќни. Без разлика колку и да е песимистички карактерот, Ајшен се обидува да најде решение на сите проблеми“.

Актерката Халил за себе вели дека е приврзана за семејството, понекогаш тврдоглава и знае да биде пребирлива исто како карактерот на Ајшен, ликот кој го толкува.

„Балканска приказна” и карактерите од оваа серија станаа препознатливи во Скопје. Во серијата се прикажуваат делови од животот на две семејства од Скопје, турско и македонско семејство и силната, но во исто време невозможна љубов на Јованка и Ертан како главни протагонисти во серијата.

Продуценти на серијата се Јалчин Ари и Угур Узунк, режисери се Сердар Акар и Селахатин Санџакли, а како главни сценаристи се потпишуваат Угур Узунок, Абдулхамид Ишик, Есма Коч, Идрис Мејди, Алев Узма и Озан Ајаз. Линиски продуцент е Богдан Јончевски и локален партнер Сити Стар Продукција.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.