Во понеделник, 13 ноември, од 18 часот во КСП Центар – Јадро ќе биде отворена изложбата „Преобразени предмети: Еволуирачки перспективи” на Јасмина Главинче во која учество ќе земат и повеќе уметници од Македонија. Оваа ликовната изложба има продажен, хуманитарен карактер и собраните средства или самите дела ќе бидат донирани.

Изложбата „Преобразени предмети: Еволуирачки перспективи” е уметничка (ре)визија која има за цел да ја истакне важноста за лична трансформација.

Водена од прашањата: дали и како личната трансформација може да влијае врз будење на колективната свест; дали уметноста и уметничките процеси на креација може да ги употреби како алатка за колективно поврзување и делување, взаемна соработка која би претставувала основа за подобрување на условите и во поширока микро-општествена рамка, авторката Јасмина Главинче потпомогната од акредитиран тренер за раст и личен развој во петмесечна, самонабљудувачка одисеја, повика седум учесници во обновувачки процес и преку споделување на свои лични предмети и костантна интеракција, ја истражуваа сопствената внатрешна емоционална динамика, ги будеа своите потенцијали и ги заменуваа старите наративи со нови, освежувачки погледи за себе, за заедницата и за светот.

Спомен-предметите од психолошки тотеми, апстрахирани од нивното првобитно значење добиваат нов живот како уметнички дела и метаморфозираат во симболи на процесите и поимите за сопствената трансформација. Нивниот облик останува видлив, тој не исчезнува туку расте и се отелотворува во нов метафизички простор.

Учесници:
Крсто Глигорјадис
Маја Џеповска
Ели Поповска
Елисавета Бејкова
Христина Тарабуновa
Татјана Ристовска
Борјан Исајловски
Милена Крстева, тренер за личен раст и развој

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.