Во галеријата „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ ќе се отвори изложбата „Quo Vadis“ на академската сликарка Валентина Поцеска, во четврток 14 март од 19 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје.

За изложбата д-р Коста Милков вели:

Во изложените дела на Поцеска доминираат три геометриски форми, триаголникот, кругот и квадратот. Според нејзиниот уметнички и духовен сензибилитет овие форми се „врската“ меѓу физичкото и духовното. Од една страна, тие претставуваат физички фигури врз кои се темелат основните архитектонски закони, а од друга страна, секој од нив е симбол за определена духовна димензија. Од христијанска толковна точка кругот е симбол на вечноста, триаголникот на Светата Троица, а квадратот на правдата и на вистината. Оваа интуитивна „теолошка“ беседа на Поцеска станува повпечатлива со не толку честото, но значително, вклучување и на фигурата на крстот – најважниот христијански симбол. Колажните апстракции на Поцеска се втемелени во катафатичките физички феномени и конципирани преку апофатичките метафизички идеи.

На изложбата ќе се обрати рецензентот д-р Коста Милков и директорката на Галерија „Метаноја“ м-р Нада Милкова.

Валентина Поцеска е родена 1965 во Скопје. 1987 Дипломирала на ФЛУ во класата на проф. Димитар Кондовски. Од 1992 работи во „Национален конзерваторски центар – Скопје“ во одделот за конзервација на икони.

Изложбата ќе трае во текот на март 2024.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.