Деновиве во издание на „Или-Или“ излезе романот „Една книга“ од новинарот Валентин Нешовски, промовиран на 26 октомври во кафе бар Каза.

Книгата носи поднаслов Summa Universi, а претставува расправа, трактат за сите прашања што си ги поставува денешниот Хомо Сапиенс за неговото потекло, универзумот, општествените и политичките трендови и светските социолошки текови.

Целата расправа на 150 страници е сместена во фикција, новела која се движи на границата помеѓу научната фантастиката и реалноста.

Се работи за новела во која секојдневното, реалното време и космичкото или надреалното се мајсторски изместени, помешани. Тоа е литература што ве тера на размислување и себе-преиспитување. Ова е роман кој нема да ве остави рамнодушен, рече на промоцијата академскиот сликар Сергеј Андреевски.

“Една книга” е филозофски роман претежно напишан во течна и возбудлива дијалошка форма“, вели Тони Поповски, архитект и политиколог.

Според Поповски романот се занимава со трансформативната и дисруптивна моќ на новите технологии во кои Нешовски има навлезено преку неспорно долго и макотрпно истражување, коментирајќи ја нивната целисходност, поврзаните очекувања но и ризици. Сам по себе овој тематски аспект е новина во македонската литература.

Топло ја препорачувам оваа книга за читање. Ќе најдете низа одговори на класични и современи филозофски прашања, но и насока како да се пристапи низ живеењето како патување во потрага по неодговорените, вели Поповски.

Нешовски бил новинар во Нова Македонија, Македонија Денес и Денес, уредник во политичкиот магазин ЗУМ, бил дописник на неколку странски медиуми, магистрирал меѓународни односи и режими во САД, последниве десетина години работи како консултант за односи за јавност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.