Претставата „Момчето со пругасти пижами“ во изведба на Летечката театарска трупа од Тетово го доби највисокото признание гран-при „Васил Ќортошев“, на 61. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија (ДАФ) што се одржа во Кочани. На режисерот на истата претстава, Владимир Јованоски му припадна наградата „Боро Стојчев“ за најдобра режија.

На прогласувањето на најдобрите и доделувањето на наградите, жири комисијата во што ја сочинуваа актерот Пеце Ристевски и режисерите Елеонора Теова и Ненад Витанов, оцени дека тетовските актери прикажале извонредна театарска игра.

-Ова е најдобрата претстава на овогодишниот ДАФ затоа што во сите театарски сегменти – актерска игра, режија и визуелен идентитет беше на највисоко ниво. Претставата одушеви со искрена енергија, исклучителна партнерска игра и не ја остави публиката рамнодушна, се истакнува во образложението на жирито.

Награда во категоријата за претстава за деца и младинци доби претставата „Валентајн, не благодарам“ во изведба на „Прва проба“ од Скопје.

Наградата за главна женска улога ја доби Веда Мавровска за улогата Живка во претставата „Сомнително лице“ во изведба на Театарската школа „Бабец“ од Битола, а за главна машка улога – Драгослав Бранковиќ за улогата Санда Аризановиќ во претставатa „Аризани“ во изведба на Аматерскиот театар „Прокупље“ од Прокупље. Награда за најдобра споредна женска улога доби Лана Басаров за улогата Лана во претставата „Тивки жртви“ во изведба на МДПЦ „Премиера“ од Велес.

Претставата „Убавицата и Ѕверот“ на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци доби награда за комплетен визуелен ефект, а за колективна игра наградена е претставата „Чернодрински се враќа дома“ во изведба на МТЦ „Зона“ од Прилеп.

На годинашново издание на ДАФ настапија 17 домашни и театарски групи од Србија, а надвор од конкуренција учествуваше Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес со претставата „Вечера за глупаци“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.