На 13 јули, во 21 часот, во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ) премиерно ќе биде прикажан „М“, втор долгометражен филм на режисерот Вардан Тозија. Со овој филм се отвора 22. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Скопје.

Тозија и Даријан Пејовски се автори на сценариото, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек.

Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев… Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје во копродукција меѓу Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.

Тозија, првиот, мошне успешен долгометражен филм „Џган“ го сними во 2016 година, а беше режисер и на дел од тв-сериите „Преспав“, „Куќен притвор“, „Инсајдер“, „На терапија“, „Радуис“… По­крај кра­тко­ме­траж­ни­от „Чо­ве­кот со чуд­на на­ви­ка да ме уди­ра со ча­дор по гла­ва“, автор е и на „Свир­ка­чот“, кој е дел од „Скоп­је ре­микс“.

Дел од екипата на „М“. Фото: Александар Ивановски

Филмот „М“ е најавен како дистописка бајка во која главниот лик, осумгодишниот Марко е во потрага по својата мајка, во време кога во светот владее опасен вирус. Кога го пишувавте сценариото? Пред почетокот на ковид-19?

ТОЗИЈА: За жал, премногу се оддолжи премиерата на „М“ и некако се добива впечаток дека филмот е инспириран од случувањата пред неколку години. Меѓутоа, не е така. Сценариото е напишано пред пет години, а тоа што се случи понатаму со човештвото беше коинциденција. Филмот е една антиципација на она што е можно да ни се случи со човештвото ако продолжиме да го чекориме овој пат на самоуништување. Ме фасцинирале тие мрачни предвидувања на нашата блиска иднина и отсекогаш сум сакал да направам нешто во жанровски дух, каде што ќе го претставам мојот страв, моите несигурности и моите исчекувања на претстоечките предизвици.

Живееме во 2023 година, помина пандемијата со коронавирусот. Дали имате чувство дека живееме во дистописко општество?

ТОЗИЈА: Нашата земја можеби се наоѓа во нејзината најранлива и најтешка фаза од нејзиното постоење. Иако не можам да кажам дека живееме во некаква дистопија, затоа што сме уште далеку од такво нешто, сепак, го чувствувам стравот дека нешто такво е извесно да се случи, и на овие простори и во светот. И тука мислам на целото лудило во последниве години – од пандемии до војни. Чувствувам како да постои некоја стихија којашто е посилна од нашата индивидуална мисла и дека таа стихија не носи кон некакви непосакувани времиња.

Вардан Тозија: Со овој филм завршувам една многу тешка етапа во мојот живот. Фото: Александар Ивановски

Ако дистопиското општество е опасно, застрашувачко, во кое лошите страни на денешната цивилизација се сведени на максимум, дали има излез? Дали се приближува крај?

ТОЗИЈА: Не знам дали би можел да дефинирам дали постои излез. Не знам дали кој било може да го каже тоа. Но, нам ни останува, секој од нас да води постојана, вечна борба во својот животен век, за да ги смени работите кон кои нè води некаква инерција. Знам дека помина времето во кое филмот навистина можеше радикално да ги смени нештата во општеството. Сега живееме во време на мас-медиуми, бескраен проток на информации каде што филмот е само една капка на информација и на мисла. Го нема оној пиедестал што го имал порано, како еден силен авторски коментар врз актуелните случувања. Овде пред сè, мислам на 70-те и 80-те години на минатиот век. Денес, можеби, филмот не може да го промени светот, но јас сè што правам, го правам со убедување дека може да го променам светот, иако знам дека е тоа заблуда. Тоа е нешто што ме движи напред.

Зошто дистопијата е толку популарна во уметноста? Дали е тоа така бидејќи отвора прашања како што е слободата, љубовта, кој е човекот?

ТОЗИЈА: Јас пораснав со дистописки новели, романи. Уште од најраните години се хранев со Станислав Лем, Евгениј Замјатин, Филип Дик, Артур Кларк. Сите тие автори доживеаја свои екранизации во тој период. И тогаш постоеја тие мрачни, Орвеловски предвидувања, за 1984 година, за таа контрола. И гледаме дека денес, многу од тие работи се остварија. Но, сега, што понатаму? Сега е малку потешко да се направи нешто што е визионерско, затоа што од времето кога постоеле тие големи умови, литературата денес е падната на многу ниски гранки. А филмот почива на квалитетот на таа литература. Денес немаме издаваштво, а во Македонија се херои тие неколку издвачки куќи коишто успеваат да објават книга или роман. Не може точно да се предвиди што не чека, меѓутоа може да се предвиди атмосферата и духот на тоа што не очекува. А тоа е една празнотија, борба за егзистенција, уништување…Но, мора да се бориме тоа да не се случи, секој на свој начин и да знаеме дека сме направиме се што било во наша моќ.

Филмот во мај беше прикажан на Канскиот маркет за филмски професионлаци и на годинашното издание на Берлинскиот фестивал. Колку е важно за една филм да се најде во Кан и Берлин и што значи тоа за неговиот понатамошен живот?

ТОЗИЈА: Наскоро, верувам, ќе имаме добри информации од тоа што се случи на тие индустриски проекции и тоа ќе го објавиме во најбрзо време. Важно е да се напомене дека не треба да се кажува дека филмот бил дел од Канскиот или Берлинскиот фестивал. Да, тој бил, но не треба да постои спинување дека бил во некаква селекција, како што многу често слушаме за одредени филмски остварувања. Тоа се индустриски проекции, таму се собираат секаков тип дистрибутери, продажни агенти, фестивалски селектори кои понатаму го изразуваат својот интерес за понатамошната иднина на филмот. Засега, нашиот филм е воден од американската компанија „One-two-three“ и агентот Алан Грин кои ја раководат целата понатамошна дистрибуција на филмот.

Вардарн Тозија со актерите Александар Ничовски, Сашко Коцев и продуцентот Дарко Попов. фото: Александар Ивановски

На „Синедејс“ ова е македонска премиера на „М“. Дали и каде на кои други фестивали ќе биде прикажан филмот?

ТОЗИЈА: Имаме неколку примарни цели за фестивалскиот живот на филмот. Се надевам дека тие ќе се случат на крајот на летото.

За кога е закажано кино-прикажувањето на филмот?

ТОЗИЈА: Со задоволство го очекувам кино-прикажувањето и реакциите на пошироката публика. „М“ во македонските кина би требало да почне да прикажува на 4 или 5 октомври.

Кои се идните проекти на кои ќе работите?

ТОЗИЈА: Со овој филм завршувам една многу тешка, значајна и болна етапа во мојот живот. Постојат проекти за кои се подготвувам, кои врзуваат соработка и работа на филмски и телевизиски сериски проекти надвор од Македонија. Со минимален буџет и домашна поддршка тргнавме во една голема авантура на снимањето на „М“. Немаше да успееме да го реализираме филмот на овој начин доколку немав поддршка од целосната екипа која работеше на филмот, посебно од актерите. Работевме со две деца кои првпат се појавуваат на филм, седумгодишниот Матеј Сиваков и Александар Ничовски (12). Се изненадив колку сила и волја постои во едно дете. Тие беа посветени и одговорни 12 часа на ден, во сите денови на снимањето на филмот. За мене тоа беше откровение. Многу сум им благодарен за се што направија. Покажа дека иако се деца, може да се носат со предизвикот како одговорни и возрасни луѓе.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.