На 12 декември 2022 година, во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје се одржа завршниот настан на манифестацијата „Денови на европско Европско Скопје 2022“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со поддршка на Универзитетот за туризам и менаџмент.


На манифестацијата беа прогласени најдобрите од работилницата на средношколците „Фотографирај го европско Скопје“ под менторство на фотографот Александар Кондев, од презентацијата на студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент „Презентирај го европско Скопје“ и од новинарскиот конкурс „Есеј за старо Скопје“.

Под мотото „Фотографирај го европско Скопје“, најдобри фотографии од ДСУЛУД „Лазар Личеновски“ од Скопје изработија првонаградената средношколка Мирјана Спасовска, второнаградената Ања Атанасовска и третонаградениот средношколец Давид Анѓелковиќ. Од другите средни училишта, првата награда отиде кај Теодора Грзодановска, втората кај Милан Крстиќ и третата кај Адем Левиќ. Најдобри презентации на тема „Презентирај го европско Скопје изработија првонаградената студентка Ивона Заревска, второнаградениот Филип Бакоч и третонаградените Емине Михтар и Тамара Илиевска. Работилницата беше спроведена меѓу студентите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

На конкурсот „Есеј за старо Скопје“ конкуренцијата беше голема. Меѓу пристигнатите над дваесет новинарски есеи на темата, првата награда ја зеде новинарот Петар Догов од Телма Телевизија, втората отиде во рацете на Борис Груевски од Алфа Телевизија, а третонаградена беше Александра Филиповска, новинарка на издавачката куќа Три.

Во пригодниот поздравен говор по врачувањето на наградите, ректорот Миленковски, истакна дека Универзитетот е секогаш таму каде што е неопходно и клучно да се поддржат културата и уметноста во градот. Во тој контекст, тој му додели Златна плакета за развој, негување и заштита на културните вредности на градот Скопје на директорот на Дирекцијата за Култура и Уметност на Скопје, господинот Никола Глигоров. Глигоров искажа длабока благодарност за признанието, но пред сѐ за поддршката што годинава ја обезбеди Универзитетот за Дирекцијата и за нејзините традиционални манифестации – Скопското Лето, Есенските музички свечености“ и за „Денови на европско Скопје – манифестации што се препознатливи и имаат трајни вредности на градот. Тој истакна дека без Универзитетот, во недостиг на поддршка од министерството за култура и од градот Скопје, оваа година Дирекцијата немаше да има толку успешна и богата програма.

На крајот на настанот, ректорот проф. д-р Аце Миленковски и директорот Никола Глигоров потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот и Дирекцијата, обврзувајќи се да продолжат да соработуваат на полето на културата и на уметноста.

Авторката на манифестацијата м-р Елизабета Кузмановска, истакна дека оваа година преку „Деновите на европско Скопје“ Дирекцијата инспирираше и анимираше над 100 млади луѓе, кои што директно учествуваа и го презентираа културното и јазичното богатство на градот како дел од неговиот модерен европски идентитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.