Драмската програма на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со изведбата на поставката на претставата „Декамерон“ на Џовани Бокачо, во изведба на актерската екипа на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта. Ова е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Декамерон“ е претстава полна со живот. За жал, секојдневието не е.

Специфичната природа на односи која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството кои сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството нè поврзаа сите уште еднаш. Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста.

Улогите во претставата ги толкуваат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска-Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

За „Декамерон“ резервирана е отворената фестивалска сцена „Долни Сарај“ од 21 часот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.