Дали идеите вредат да се положи животот за нив, или не?, е прашањето кое го поставува писателот и драмски автор Венко Андоновски во „Падот на Масада“ чиј текст вечерва во режија на Дејан Пројковски ќе доживее праизведба на сцената на Драмски театар (20 часот).
Претставата „Падот на Масада“ поставува едно вечно прашање, кое упростено се сведува на тоа дали идеите вредат да се положи животот за нив, или не? На таа тема се пишувани многу дела, претстави и романи, а јас се трудев преку неколку историски пресеци да покажам неколку случаи на масовно и единечно самоубиство, и дури и кога е единечно било направено поради некои колективни причини. Низ претставата се следи како полека „херојското“ во чинот на самоубиството се претвора во нешто сосема спротивно и претставата покажува дека човештвото назадува на секој план, дури и во сфаќањето на самоубиството – кажа Андоновски на прес-конференцијата организирана пред претставата.
Режисерот Пројковски вели дека во текот на подготовката на претставата се обиделе да ги преипитаат сите прашања и дилеми кои што ги отвора овој текст.
Концептот за оваа претстава е базиран на тоа, дека театарот и сцената се клуч за патување низ времето и просторот, и од друга страна секогаш сите општествени системи и промени многу полесно и поедноставно да се тестираат на сцена, рече Пројковски.
Ова е четврта соработка на Пројковски со драмскиот автор Венко Андоновски.
Претставата има шест сцени, но, како што кажа актерката Јелена Жугиќ, како да работеле шест претстави. Петте актери играат по неколку различни улоги во претставата и тоа, за нив, како што кажа Жугиќ, барало максимална посветеност, ангажирност и фокусираност.
Во оваа претстава интензитетот на игра е постојан и постојано влегуваме од улога во улога, од костимски до емотивни промени, а целиот процес изискуваше многу фокус и концентрација, меѓутоа кога го добивме финалниот производ навистина сме среќни – рече Јелена Жугиќ, која со оваа претстава заокружува 30-годишна професионална кариера, која почнала во 1993 година со претставата „Време за сонување“ во режија на Златко Славенски во Велешкиот театар.
За актерот Рубенс Муратовски текстот е толку многу добар и отвора многу прашања и посакувате да се консултирате со авторот.
Актерот Филип Трајковиќ говорше за тоа како тој го толкува текстот на Андоновски.
Текстот е за тоа дека сите чекаме подобри времиња, а времето си врви, не чека никого. Па си велам, може сега ние треба да ги правиме времињата“, рече Трајковиќ.
Улогите ги толкуваат: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.
Дамјан Димовски е асистент на режија, сценографијата и костимографијата се на Валентин Светозарев, а музиката на Горан Трајкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.