Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска за време на нејзината посета на Општина Тетово информираше дека за санација на Музејот на тетовскиот крај се вложени 4,5 милиони денари и се обезбедени подобри услови за континуирана работа на една од носечките културни институции во Тетово.
Костадиновска Стојчевска, која го посети Тетово заедно со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, изјави дека Министерството за култура само како поддршка вложи над 14,5 милиони денари во тетовските културни установи.
Таа информираше дека во 2023 година се инвестирани речиси 147 милиони денари, од кои најголем дел се наменети за изградба на капиталниот објект наменет за театар и библиотека во Тетово. За во следната 2024 година се планирани уште финансиски средства.
Инвестираме во културата и го збогатуваме разновидното културно живеење на граѓаните, особено на младите во Тетово и во околината. Корисниците на конкурсот „Култура во лето“ покажаа талент и знаење со кој донесоа нова свежина во културната понуда за Тетовчани во сите уметнички области, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа потсети дека основале и нова Национална установа Музички ансамбл во Република Македонија во Тетово, чија основна дејност е изведба, промоција и афирмација на албанската класична џез вокална и вокално инструментална музика.
Подеднакво вложуваме и во заштитата на културното наследство како еден од најголемите приоритети на Владата и на Министерството за култура. Продолжија активностите за целосна конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата „Света Богородица“ во Лешок, рече Костадиновска Стојчевска.
Потсети дека е завршен и повеќегодишниот проект за конзервација и реставрација, санација и ревитализација на заштитеното недвижно добро „Алимбеговата куќа“. За проектот беа издвоени 2,5 милиони денари.
Прашана во врска со реставрацијата на Тетовското кале, Костадиновска Стојчевска рече дека управувањето со Тетовско кале е исто како што е и Скопско кале во Скопје, односно е под надлежност и на локалната самоуправа.
Конзервацијата, реставрацијата и реновирањето е под надлежност на Националната установа од областа на заштита на културно наследство. Самото управување со Тетовско кале е исто како што и Скопско кале во Скопје, односно е под надлежност и на локалната самоуправа. Ова значи дена надлежностата е поделена, но тука треба локалната самоуправа да си преземе мерки, додаде Костадиновска Стојчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.