Европската Унија планира да ги забрани сите купувања на руска нафта до крајот на годината. Сепак, членките на Унијата, Унгарија и Словачка ќе можат да продолжат да купуваат руска сурова нафта до крајот на 2023 година, пишува „Би-Би-Си“.
САД прогласија целосно ембарго на руската нафта, а Велика Британија до крајот на годината постепено ќе ја забранува руската нафта. Русија, која е трет најголем производител на нафта во светот, по САД и Саудиска Арабија, предупреди дека забраната за нејзината нафта ќе доведе до „катастрофални последици за глобалниот пазар“.
Околу половина од извозот на сурова нафта на Русија отиде во Европа пред да бидат објавени санкциите.
Членки на ЕУ не сакаат да воведат санкции кон Русија
Се очекува во среда Европската Унија да објави нов пакет санкции против Москва, но за такво нешто не се сите земји-членки.
Новиот, шести пакет санкции се однесува на целосно ембарго за увоз на нафта. Амбасадорите на 27-те земји-членки ќе се сретнат во среда за да го разгледаат планот уште еднаш пред конечното одобрување.
Познато е дека Чешка ќе побара период на изземање од предложеното ембарго на Европската Унија за руската нафта и со тоа ќе добие време да го зголеми капацитетот на нафтоводот, најави премиерот на таа земја Петр Фијала.
Се обидуваме да добиеме одложување за две, можеби три години – изјави Фијала, пренесува „Ројтерс“.
Бугарскиот вицепремиер Асен Василев во средата објави дека Софија ќе бара изземање од предложеното ембарго на ЕУ за руската нафта.
Унгарија и Словачка претходно побараа да бидат изземени од предложеното ембарго. Сепак, само Унгарија и Словачка добиле одобрение да можат да купуваат нафта од Русија до крајот на 2023 година, дознава „Ројтерс“.
Кои се алтернативите на руската нафта?
Истражувачкиот аналитичар Бен Меквилијамс вели дека би требало да биде полесно да се најдат алтернативни снабдувачи за нафта отколку за гас, бидејќи, иако некои доаѓаат од Русија, „има многу испораки од други места“.
Некои земји кои се членки на Меѓународната агенција за енергетика ослободија еквивалент на 120 милиони барели од нафтените резерви – најголемото ослободување резерви во историјата на меѓувладината групација.
Кон крајот на март, американскиот претседател Џо Бајден нареди големо ослободување на нафта од американските резерви во обид да се намалат високите трошоци за гориво.
САД, исто така, сакаат Саудиска Арабија да го зголеми производството на нафта и се обидуваат да ги олеснат санкциите за нафтата од Венецуела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.