„Имаме најмал економски раст споредбено со земјите во регионот. Буквално доживуваме едно големо фијаско во делот на странските инвестиции, па и во домашните инвестиции. На 31 мај завршија антикризните мерки, кои пред се, се однесуваат за намалување на ДДВ-то во однос на основните прехранбени производи и горивата. Но, се уште нема нови антикризни мерки, а секоја сериозна и одговорна Влада навремено реагира, освен оваа нашава, која што за жал дозволи нов ценовен шок кој исклучиво влијае на намалување на животниот стандард на граѓаните“, истакна Гоце Димоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар, на денешната трибина насловена „Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада“.
Димоски додаде дека негов главен заклучок околу проектираниот ребаланс на буџет дека истиот не е креиран целосно да ги поддржи главните приоритети.
Главните приоритети се сигурност на храна, енергетската стабилност, одржливиот раст на економијата и фискалната одржливост. Педлог ребалансот на Буџет не е соодветен да помогне и да ги промени економските состојби во Македонија кон подобро. Сакам да ја потсетам македонската јавност за една изјава дадена од страна на актуелниот премиер на Владата, дадена во декември 2021 година за една национална телевизија, каде тој јасно и децидно кажа дека државата нема да дозволи ценовен шок. А, сега сме јуни 2022 година, шест месеци после таа изјава и ние можеме слободно да констатираме дека државата и тоа како доживеа нов ценовен шок, потсети Димоски.
Тој укажа дека направил своја анализа во однос на просечна нето плата и цените на горивата во земјите во регионот. Целта беше да се утврди и спореди куповната моќ на населението во однос на актуелните цени на горивата. Македонија е на дното во однос со другите земји и има најниска просечна нето плата. Во дрѓавата со една просечна плата може да се купат 279 литри бензин, а во Србија околу 360 литри бензин, додека во Црна Гора со една просечна плата може да се купи 419 литри бензин. Во Хрватска, 498 литри бензин, а во Словенија 624 литри бензин. Додека пак во БиХ со една просечна плата може да се купи 362 литри бензин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.