Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „Што не е јасно?“ на телевизија Алфа говореше за најавениот генерален штрајк на СОНК и протестите кои денеска се одржаа.

Мицкоски рече дека апсолутно ги поддржува во нивните барања за зголемување на платите и дека во парламентот се обиделе да интервенираат во законот за вработените во образованието но и за вработените кои се дел од јавната администрација.

– Ние го поддржавме сето, го поддржуваме и ќе продолжиме да го поддржуваме затоа што цениме дека сите тие луѓе заслужуваат да живеат поквалитетно и да имаат повисок стандард и тука нема никаква дилема. За жал, немаше слух кај владиното мнозинство и законот, односно интервенцијата во законот беше одбиена од нивна страна и единствено нешто што им преостанува на тие луѓе е нормално, да го искористат своето право на протест и ние тоа го поддржуваме и ги охрабруваме да останат на тоа и за сѐ што цениме дека можеме да помогнеме во тој процес стоиме на располагање и за вработените во образованието, но и за вработените кои се дел од јавната и државна администрација. – додаде Мицкоски.

Мицкоски рече дека добил некои информации од луѓето кои се дел од јавната и државна администрација дека се под жесток притисок од страна на раководните кадри во тие институции, им забранувале користење на годишен одмор итн. Но, во оние општини каде што ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт, додава Мицкоски, порача дека ги охрабрува сите вработени кои ценат дека треба да излезат да протестираат, да излезат, но и вработените во градинките и образовните институции.

– Нема никој да им врши притисок, нема никој да им се заканува, нема никој да ги уценува, тие мора да го добијат заслуженото и тоа што им следува затоа што вака ќе се создаде фрустрација и нашите дечиња во градинките нема да ја добијат заслужената нега, а нашите дечиња од основното и средното образование нема да го добијат квалитетот кој што го заслужуваат. Затоа владата треба да размисли сериозно и наместо да ги краде на овие луѓе, да им ги даде за да можат и тие да имаат повисок и достоинствен стандард. Во спротивно, да не бидат воопшто загрижени, нема кој да им прави мобинг, нема кој да им прави притисок, слободно да си протестираат за да си ги остварат своите права. – порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.