Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски вечерва, коментирајќи ги актуелните случувања во агро секторот, оцени дека е лицемерно пред избори да се ставаат во функција системи кои „не се пипнати“ седум години.

Трипуновски во гостување на ТВ Сител обвини дека се доцни со исплатата на 3.349 милијарди денари земјоделски субвенции или близу 55 милиони евра, дека ресорниот министер Љупчо Николовски правел злоупотреби при распределбата на средствата за малите винарии, како и дека речиси 200 земјоделци имаат проблем со продолжување на договорите за закуп на земјиштето.

Трипуновски нагласи дека во Светиниколско засега има 88 раскинати договори, во државата до овој момент се околу 196, а до крајот на мај ќе станат 400.

Во врска, пак, со поддршката на малите винарии, изнесувајќи статистички податоци, Трипуновски ги отфрли како неточни тврдењата на Николовски, дека тие креираат додадена вредност од аспект на извозот.

-Долг е списокот на луѓе кои земале пари, а се блиски до актуелната власт. Мерките се исплаќаат преку Платежната агенција, а министерот прави паралелни програми, надвор од оваа институција, со тричлена комисија дели средства. Начинот на кој се делат средствата е сериозна злоупотреба, а до денес не е направена контрола дали тие се навистина инвестирани, рече дополнителниот заменик министер за земјоделство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.