Од ССМ бараат линеарно зголемување на сите плати во јавниот и приватниот сектор од најмалку 2.806 денари во нето-износ, а во продолжение следи нивното соопштение.

„Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека е дојдено времето секој еден работник, членството на синдикатите, работниците и граѓаните, сите синдикати како наши браќа и сестри синдикалци и борци за работотнички права да излезат на голем синдикален протест кој отпочнува токму на Меѓународниот ден на трудот – Први мај.

Сојузот на синдикатите на Македонија повика на голем работнички и синдикален протест со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови и работниците од работниот однос, а на кој ќе се изрази револтот кај работниците од незголемување на останатите плати со порастот на минималната плата.

Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор од 1 мај 2022 година, вклучително од општиот работник до претседателот на Државата, но добродојдени се и сите други кои бараат зголемување на платите и на друг начин

Ги повикуваме сите работници, братските синдикати ( Конфедерации, Унии и Сојузи ) и граѓани кои ги препознаваат вредностите и заложби за зголемување на платите да се приклучат во борбата заедно со семејството на ССМ, и заедно како семејство на рамноправни членови, синдикати, работници и граѓани, кои не сакаат само да критикуваат туку сакаат дирекно да се вклучат во борбата за поголеми плати на 1ви Мај 2022 година да излезат на голем синдикален протест на кој ќе кажеме гласно дека зголемувањето на платите на работниците мора да се случи веднаш
Нема оправдување секој оној кој на 1 мај ќе реши да оди на пикник, викенд или ќе остане дома, место да излезе на протест, зошто таму нема никој да го слушне и да го види дека му треба поголема плата, а на таков начин не си помага ниту себеси ниту на другите.

Порачуваме дека не е време за салата и скара, борба е за твојата плата и за работнички права, ако не се бориш за себе и имаш добра плата, треба да бидеш солидарен и да се бориш за тие околу тебе кои немаат добра плата и немаат за добар живот.

Повеќе од 700.000 работници во Државата се директно засегнати од потребата од зголемување на нивните плати, па истите не можат да очекуваат дека некој друг, а не тие, ќе испадне на протесот и ќе се бори за нивните.

Борбата за достоинствени плати се пренесува на улица, а од сите зависи колку гласно и колку јасно ќе биде упратена пораката дека платата треба да се зголеми веднаш

Во декември 2021 бевме на улица и добивме недела неработен ден, во февруари 2022 година бевме на улица и добивме 18.000 денари минимална плата, на 1 мај 2022 година мора да бидеме на улица за да добиеме зголемување на сите плати на сите работници, не дозволувај ти да не си еден од 700.000 работници кои не се бореле и не биле дел од борбата за работнички права.

Протестот ќе започне на 01.05.2022 година во 12.30 часот во Скопје пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје, а ќе заврши пред Владата каде што ќе бидат упатени барањата на работниците“, соопштија од Сојуз на синдикатите на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.