Раководството на Сојузот на стопански комори порача Владата да биде повнимателна при креирањето и носењето на најавената даночна реформа во, како што велат, овие тешки времиња кога стопанството се наоѓа во тежок постковид период,  зафатено е од енергетска криза и е во нарушен глобален синџир на снабдување.

-Државата треба да се фокусира на заштеди и рационализација  во Буџетот, а редно време е да размислува и за приватизација на одредени несуштински работи кои ги поседува, а кои со години можеби бележат загуби, рече денеска на прес-конференција претседателот на ССК Трајан Ангелоски.

Државата, посочи, има акции во Телеком, ние сме либерализиран пазар, и не ја гледаме потребата зошто државата сега на некој начин да тера бизнис во Телеком. Има и во железници итн. кои и така и вака секоја година гледаме бележат загуби.

-Дефинитивно државата треба да размисли на рационализација во буџетските трошења. Моментов за воведување нови даноци треба многу внимателно да се размисли. Во ваква елементарна непогода со цените на енергенсите не сум убеден како би се одразиле нови даноци  затоа што прашање е која фирма ќе има позитивни резултати за да ги измирува дополнителните даноци, посоочи Ангелоски.

На вчерашната средба во Владата со коморите министерот за финансии Фатмир Бесими се изјаснил позитивно во однос на приливите во Буџетот, а тоа, посочи Ангелоски, е очекувано со оглед дека инфлацијата ги зголемува цените на производите и на тој начин даноците  процентуално се наплаќаат,  растат и вредностите на приливи во буџетот.

-Не треба да размислуваме доколку се даваат одредени стимулации за цената на електричната енергија веднаш дали да се воведуваат и нови даноци, мислам дека нема поврзаност помеѓу овие две работи и се губи логиката на давање на тие стимулации за евентуално избегнување на високите вредности на струјата, рече претседателот на ССК, на прес-конференцијата на која ги претстави последиците во стопанството од енергетската криза и предлозите на ССК за штедење.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.