Се укинува прогресивното оданочување за личен доход што требаше да почне од 1 јануари и не се предвидуваат нови даноци, ниту зголемување на постојните, најави премиерот Димитар Ковачевски по владината седница на која беше усвоен новиот концепт на даночна реформа.

Со новиот концепт, данокот на личен доход останува 10 проценти, данокот на добивка останува 10 проценти, данокот на додадена вредност останува 18, а нема да се оданочуваат ниту каматите на депозитите и штедните влогови.

Овој нов концепт значи ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и крајно сузбивање на неформалната економија. Со ова, резултатот од новиот концепт ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспарентно управување со јавните финансии што е особено важен услов во оваа најголема економска криза, изјави Ковачевски на прес-конференцијата по владината седница

Хонорарците доколку сакаат, на доброволна основа, односно по сопствена волја, ќе можат самостојно да ги регулираат придонесите за пензиско и здравствено. Имајќи ја во предвид природата на нивната работа каде нема постојана динамика на ангажмани и заработка, она што се предлага е креирање на дигитална платформа на која ќе можат да се регистрираат и да изберат од неколкуте опции со кои би имале здравствено и пензиско осигурување.

Ова решение би се имплементирано понатаму, преку посебен закон за социјално осигурување на доброволна основа, кој би се применувал од 01.01.2024 година, и тоа по развој и имплементација на платформата за регистрирање на т.н. фриленсери, рече Ковачевски.

Една од новините е и тоа што ќе се намали стапката на ДДВ од 18 на 5 проценти за производи за менструална хигиена со што се овозможува поголема достапност на овие производи до сите жени и девојки независно од нивната економска положба и куповна моќ.

Како што посочи Ковачевски, даночната реформа е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025) во која се утврдени главните цели на даночните реформи, поставени во пет приоритети.

Преку законски решенија ќе се проширува даночната база и ќе се таргетираат дел од даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, ќе се ревидираат даночните олеснувања затоа што направените анализи покажале дека дел од овие ослободувања ја постигнале целта и со нив во моментот се прави дисторзија на пазарот.

Главната цел е да се обезбеди правичен, транспарентен и современ даночен систем, рече Бесими, изразувајќи убеденост дека концептот што го промовираат е далеку подобар отколку првичната нацрт верзија затоа што поминал низ инклузивен процес со сите засегнати страни.

Казните за злоупотреба при данокот на добивка ќе бидат прецизирани со закон, но предлогот, како што посочи Бесими, е тие да бидат петкратно зголемени.

Доколку некој го злоупотребува тоа законско право даночно ослободување заради цели на евазија, доколку се констатира таков престап, петкратно се зголемуваат казните, рече Бесими.

Нацрт концептот на даночни реформи во изминатиот период помина низ јавни дебати што Министерството за финансии ги организираше со засегнатите страни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.