Советот на Народната банка ја донесе Програмата за работа за 2023 година, во којашто се предвидени активности и нови проекти, а во функција на понатамошно успешно исполнување на поставените стратегиски цели.

Во рамки на Програмата, предвидено е понатамошно надградување и јакнење на аналитичките капацитети на Народната банка за спроведување на монетарната политика, вклучително и модернизација и унапредување на поставеноста на оперативната монетарна рамка. Натамошен посебен фокус се става и на одржувањето и зајакнување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, особено преку натамошно унапредување на банкарската регулатива, спроведување на макропрудентниот мандат и подготвителни активности за почнување со новата функција за решавање банки, унапредување на вонтеренскиот и теренскиот надзор, како и активности поврзани со создавањето услови за соодветен развој и унапредување на финтек-секторот.

Во однос на платните системи, во 2023 година со стапувањето на сила на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и донесената подзаконска регулатива, Народната банка ќе продолжи проактивно да работи на поттикнување на влез на нови даватели на платежни услуги со цел зголемена понуда на услуги по поповолни цени за граѓаните и компаниите. Ќе се преземаат и активности за зголемување на транспарентноста од страна на давателите на финансиски услуги. Имајќи во предвид дека живееме во ера на дигитално окружување коешто бара постојани финансиски иновации, во централната банка ќе се продолжи со долгорочните активности за разгледување на можноста и оцена на потребата од воведување дигитален денар – како најбезбедна форма на парите.

Финансиската писменост на населението, унапредувањето на степенот на финансиска инклузија и обезбедувањето соодветна заштита на потрошувачите се основа на стабилноста и довербата во финансискиот систем.Оттука, и во текот на следната година во центарот на вниманието ќе биде спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија на Република Македонија за периодот 2021 ‒ 2025 година. Посебно внимание ќе се посвети и на заштитата на потрошувачите во делот на финансиските услуги, преку конкретни активности насочени кон засилен надзор во овој сегмент, редовна анализа и изготвување извештаи за видот на поплаките и начинот на нивното решавање од страна на банките и штедилниците, а се со цел зајакнување на системот на заштита на потрошувачите во банкарскиот систем, како и надзорот над банките во овој домен. Во насока на зајакнување на заштитата на корисниците на финансиски услуги ќе се финализира предлог текстот на Законот за финансиски омбудсман.

Следејќи ги глобалните состојби и предизвици, Народната банка ќе работи на зголемување на свесноста за климатските промени и придонес за зелена одржлива економија. Во рамките на оваа стратегиска цел Народната банка како општествено одговорна институција ќе се стреми да биде пример и да даде придонес кон создавањето зелена и одржлива економија заради унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и нивниот животен стандард. Конкретно, се планираат активности за подигнување на свесноста во банкарскиот сектор за ризиците од климатските промени и потребата од зголемување на финансирањето зелени проекти. Исто така, ќе пристапи кон подготовка и донесување Стратегија за зелени финансии, транзиција кон зелена економија и јакнење на капацитетот на Народната банка.

Квалитетните статистички податоци, усогласени со меѓународните стандарди се предуслов за квалитетна аналитичка работа и основа за носење соодветни одлуки од страна на носителите на политиките. Оттаму, Народната банка ќе продолжи со унапредување на практиките во однос на прибирањето, обработката, анализата и објавата на податоци, исполнувањето на своите обврски кон меѓународните партнери од областа на статистиката. Воедно, активно ќе се работи и на натамошно подигнување на веќе високото ниво на усогласеност со најдобрите меѓународни стандарди, за што потврда е и членството во највисокиот СДДС плус стандард, во кој членуваат 29 земји во светот.

Имајќи предвид дека функциите и задачите коишто ги извршува Народната банка се од јавен интерес, во текот на 2023 година ќе бидат преземени активности за претпазливо управување со ризиците во сите сегменти од работењето на Народната банка заради остварување на стратегиските цели, а притоа почитувајќи ги највисоките стандарди за корпоративно управување, зајакнување на оперативната отпорност и капацитетот за управување со правниот ризик, промовирање и зајакнување на етичката усогласеност, натамошно унапредување на безбедносните мерки и сигурноста при работењето, како и понатамошно зголемување на транспарентноста во работењето.

Годишната програма за работа на Народната банка опфаќа и голем број на други активности кои се во насока на поддршка и зајакнување на институционалниот капацитет на банката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.