Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, очекува годинава да бидат срушени рекордите за извезено вино.

Во интервју за МИА, Николовски вели дека македонското вино е нашиот најголем амбасадор и дека се отвораат нови пазари како што се Кореја, Бразил и други држави во светот.

Сите политики што ги водиме се во правец да произведуваме финален производ и токму затоа оваа година за 12 милиони евра е зголемен извозот на флаширано вино, а паѓа извозот на наливно вино. Токму тоа што паѓа извозот на наливно вино и расте извозот на флаширано вино, говори дека навистина сите политики, мерки и активности водат во правец да го преработуваме нашето грозје и да работиме на брендирање и на имиџ на македонското вино, посочува Николовски во интервјуто за МИА што го даде на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ што од 16 до 20 ноември се одржува на Белградскиот саем.

Николовски нагласува дека сме препознатливи како винска земја и дека виното е најизвезуван земјоделски производ после тутунот. Од 28 држави и над 600 винарии на саемот, од земјава присутни се 74 винарии.

Македонија е винска земја, виното е наш најголем амбасадор. Моментално, според последните бројки, сме прва земја во регионот, дури пред Грција и пред останатите земји, во извоз на виното. Очекувам 2023 година да ги срушиме рекордите по вредноста на извезено вино. Особено е значајно што расте извозот на флаширано вино, и само во последната година имаме за 30 проценти поголем извоз на флаширано вино. Едни од најпосетуваните се и македонските семејни винарии, македонските мали старт ап винарии. Пред само неколку години имавме 30, а денес сме до добра бројка од близу 300 регистрирани винарии, вели Николовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.