За 98,8 проценти од домаќинствата цената на електричната енергија ќе се зголеми за 7,4 процент.

-Без блок тарифите цената на електричната енергија ќе се зголемеше за сите домаќинства за 17,74%, наместо за сегашните 7,4% за 98,8% од домаќинствата. Со оваа реформа на тарифниот систем се штитат најранливите категории, изјави Марко Бислимоски претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Новите цени за универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, кои ќе бидат на сила од 1 јули 2022 година се димензионирани скалесто по блокови, така што оние кои трошат помалку електрична енергија ќе плаќаат пониска цена, за разлика од оние кои имаат поголема потрошувачка ќе плаќаат поскапа електрична енергија, посочи Бислимоски.

Во зависност од блоковите, во зима 59,9% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,6 %, додека 35,5% ќе имаат зголемени сметки од 6,6% до 8,8%, 3,4% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,2% и само 1,2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 99,5%. Во летниот период во зависност од блоковите, 77,2% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,7 %, додека 21,8% ќе имаат зголемени сметки од 6,7% до 8,8%. Само 0,7% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,3% и 0,2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 100%.

Енергетски компании побараа значајни зголемувања на тарифите за нивните услуги, но од РКЕ велат дека не ги прифатиле сите нивни барања и одобриле многу помали проценти.

Трошоците за набавка на електрична енергија на ЕВН ХОМЕ на годишно ниво се зголемени за 57,4 милиони евра, во однос на планираното од декември 2021 година, заради враќањето на голем број компании и јавни институции од либерализираниот на регулираниот пазар на електрична енергија, заради што ЕВН ХОМЕ мораше да направи дополнителен увоз на електрична енергија во износ од 33,2 милиони евра. Со укинување на кризната состојба, ЕВН ХОМЕ има и дополнителен трошок за обновливи извори за енергија во износ од 9,5 милиони евра. Дополнително новата цена на eлектрична енергија што ЕСМ му ја испорачува на ЕВН ХОМЕ е зголемена за 17%, од 41евра за MWh на 48 евра за MWh.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.