Македонските студенти не се толку врзани кон и за професијата, за којашто се стекнале во рамки на формалното образование, туку се многу поадаптибилни последните генерации и сакаат да работат за поголем приход, покажува истражувањето на универзитетскиот професор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Страшко Стојановски.

Праксата покажува дека добар дел од оние кои завршуваат, сакаат да работат за странски компании и не им се привлечни ниту минималната, ниту просечната плата во земјава.

Дури и тие што се тука, добар дел би сакале да работат за странски компании. Не, компании што се странски инвестиции во Македонија, туку странски компании преку онлајн сервери, значи да работат далечински. Во ваквите компании имаат навистина прилично високи приходи. Младите повеќе не сакаат да го губат своето време. Помина времето кога можеа да работат за минимална плата, па дури и просечната плата не е веќе нивна цел, барем од она што јас можам да го согледам, вели Стојановски во видео интервјуто снимено во прес центарот на МИА во Штип.

Тој смета дека за задржување на младите во земјава, може да придонесе и децентрализацијата. и посочува дека во моментов, сите институции се во Скопје, токму поради ова младите не остануваат во своите села, градови и региони.

Ако сакаме европски пракси, ајде да видиме колку од министерствата во Германија се во Берлин, колку од министерствата се во Рим. Тоа не се прави случајно, туку со цел да имаме рамномерен економски развој на сите региони. Ако знаеме дека Струмица е земјоделски регион, зошто да ги обременуваме луѓето со административни проблеми да одат во Скопје. Тоа Министерство може да се лоцира на друго место, нагласува Стојановски.

Професорот забележува дека инфраструктурата е значително подобрена и затоа, како што вели, од аспект на комуникација може да се сервисираат ваквите дисперзии или да се тргне од децентрализација на општините.

Стојановски посочува дека не мора да значи дека децентрализацијата е клучот за решавање, меѓутоа дека сериозно треба да се размислува за овој процес.

Ние имаме сериозен одлив на квалитетно младо население, се уште внатрешно изразена миграција од помалите градови кон Скопје. Сите зборуваме за надворешната миграција и тоа е многу видливо. Немаме дилема тука. Кога зборуваме за надворешната миграција, таа се класифицира како бренд дека најумните отишле од државата, а што прават оние што останале тука, тие не спаѓаат во таа категорија, вели Стојановски.

Анализите покажуваат дека  први кои заминаа во странство не беа високообразовни, туку беа ниска и средно квалификувана работна рака.

Тоа и е најпотребно денес на Македонија. Децентрализацијата е есенцијално нужна. Значи ако сакаме да зборуваме за рамномерен развој или да ги привлечеме младите, тогаш регионите треба да може да реализираат одредени нивни идеи и политики, да имаат соодветна инфраструктура, да имаат соодветни институции. Зборуваме за тоа дали ќе имаме базен во Штип или нема да имаме, дали ќе имаме соодветна сала, училишни спортови…. За се тоа се потребни финансиски средства, а општините тоа очигледно не можат да си го дозволат, потенцира Стојановски.

Ова за него се агрументи зошто децентрализацијата е нужна, со цел, како што вели, барем делумно задржување на младите. И анализата од истражувањето реализирано во 2011/2012 година меѓу средношколците и студентите покажува дека децентрализацијата може да ги задржи младите во своите родни места.

Беа опфатени студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Уште тогаш имавме прашање што се однесуваше на нивните идни професии, но и на прашања поврзани со внатрешната и надворешната миграција. Околу 45 проценти од средношколците од овие региони, се гледаа во Скопје, над 40 проценти се гледаа надвор од државата, а околу 10 или под десет проценти се гледаа во локалното место, од каде што потекнуваат.  Кај студентите кои се веќе посозреани личности, а кои беа од Универзитетот „Гоце Делчев“, над 40 проценти се гледаа надвор од државата и тука немавме некакви поместувања. Во локалното место, од каде потекнуваа, се гледаа речиси половина од нив. И под 10 проценти се гледаа во Скопје. Што зборува ова? Имавме децентрализација на високо образование. Таа децентрализација предизвика студентите кои студираат таму, да ја гледаат својата иднина во локалните места од каде што потекнуваат, посочува Стојановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.