Шефот на дипломатијата Бујар Османи, потпиша меморандум за разбирање во областа на земјоделство со министерот за земјоделство на Јордан Кхалид Ал Ханифат, кој ќе овозможи зголемување на извозот на прехранбени продукти од една во друга земја.
Ова претставува прв меѓународен договор што воопшто го потпишуваат владите на Македонија и Кралството Јордан.
Со потпишување на овој документ, создаваме основа за интензивирање на размената на прехранбени продукти и земјоделски производи, особено во делот на зголемување на извозот на овошје, зеленчук и јагнешко месо од Македонија во Јордан, а од Јордан зголемување на увоз на маслиново масло и урми во Македонија. Тоа е особено важно за двете земји, имајќи ги предвид актуелните предизвици со безбедноста на храна во овој регион и потребата од диверзификација на снабдувањето со прехранбени продукти. Од друга страна, ние име потенцијал за кој ни се потребни нови пазари и немам сомнеж дека ова ќе биде уште еден чекор кон продлабочување на билатералните односи во полза на граѓаните од двете земји“, вели Османи.
Во рамки на посетата ја Јордан, шефот на дипломатијата во својство на претседавач на групата медитерански партнери за соработка на ОБСЕ вчера ја отвори овогодишната Медитеранска конференција. Како дел од активностите во рамки на оваа конференција, делегација предводена од Османи имаше средба и со јорданскиот крал Абдула бин ел-Хусеин Втори, во кралската палата во Аман.
За време на престојот во Јордан, министерот вчера се сретна и со почесната конзулка на земјава Худа Ибрахим Насер Нафа, а во почесниот конзулат беше организиран и прием на претставници на нашата дијаспора.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.