Остри критики денеска упати првиот вицепремиер Артан Груби за 10 годишното одложување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, за кој, како што вели, и по 10 години ниту еден метар не е пуштен во употреба. Според Груби, изведувачите, оние кои градат, но и надзорот треба да сносат одговорност за неуспехот на овој проект барајќи доколку е потребно, да прекинат работите на терен.

И премиерот Димитар Ковачевски смета дека е неприфатливо автопат од 40км да не може да се изведе за повеќе од 10 години. Рече дека ќе побара ревизија на проектот и врз основа на тоа да се донесе одлука.

„Овој проект 10 години не е завршен од низа причини кои се однесуваат од проектирање до изведба на самиот проект, а исто така и на самиот почеток знаете дека тој беше предмет на голем број на контроверзии во кои не би сакал да навлегувам. Сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање на изведувач кој ќе го направи на квалитетен начин, а не да гледаме пат којшто се прави, во кој се инвестираат пари, а досега нема еден метар автопат пуштено делницата Кичево – Охрид“, рече Ковачевски.

Изградбата на автопатот Охрид-Кичево започна во 2013. Првично се сметаше дека ќе заврши во 2018, потоа рокот се одложи до 2021 а сега сме на крај на 2023. Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата двојно се зголеми, на околу 600 милиони евра.
Автопатот Кичево-Охрид е дел од коридорот 8 кој го опфаќа делот Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.