Извршниот директор на Косовската енергетска корпорација (КЕК), Нагип Красниќи најави дека наскоро ќе биде објавен тендер за продажба на јаглен, а дека меѓу оние што пројавиле интерес за купување е енергетската корпорација на Македонија – ЕСМ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за приштинската КТВ, Красниќи изјави дека и досега постоеле преговори меѓу корпорациите на двете земји за размена на јаглен и електрична енергија, но дека нема конкретни договори. Тоа, според Красниќи, меѓу другото, се должи и на големата побарувачка за струја во Македонија.

Тој вели дека КЕК ги информирала македонските партнери оти ќе биде објавен тендер, додека тие изразиле интерес за купување на косовскиот јаглен.

– Сме разговарале со водачите на македонската енергетска корпорација за можноста од размена на јаглен и електрична енергија, но во моментов не гледаме многу можности да ја реализираме таа размена, затоа што и тие имаат големи побарувачки за електрична енергија. Меѓутоа, разговорите продолжуваат и во иднина може да очекуваме нешто такво. Тоа што се договоривме е да објавиме тендер за продажба на јаглен и тие изразија интерес да дојдат и да купат јаглен од нас, рече Красниќи.

Тој додаде дека критетриумите на тендерот се определени, но дека подоцна „пазарот ќе каже која ќе биде цената на продажбата“ на косовскиот јаглен.

– Во однос на размената не е дека сме направиле некаков договор, бидејќи и тие (македонската страна) во моментов немаат доволно електрична енергија, рече Красниќи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.