Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини очекува наскоро да биде одобрен заемот од ЕБОР за изградба на локални депонии во земјава.

Изградбата на регионалните депонии е многу битна за нашата држава, бидејќи од прогласувањето на независноста до сега за жал не семе имале ни една инвестиција во регионален систем за отпад. Конечно имаме проекти истовремено сме во процедура со ЕБОР. Минатата недела се сретнавме со директорот на ЕБОР, а следната недела ќе дојдат во земјава нивните експерти за животна средина и за отпад. Мислам дека сме на крај тие да го одобрат заемот – рече Нуредини на денешната средба со новинарите.

Имаме одлука на Влада, прецизира, за заем од 55,3 милиони евра со кои ќе изградиме централни депонии за Пелагонискиот и Југозападниот регион во Новаци, за Југоисточниот и Вардарскиот регион во Василево и за Полошкиот регион во Русино.

За нивна реализација неопходна е соработка од локалната самоуправа. Како Влада ќе поддржиме да имаме регионални претпријатија кои ќе ги менаџираат тие локации и ќе обезбедиме средства за инвестиции, но мора да соработува и локалната самоуправа со нас и да немаме опструкции – рече Нуредини.

Решение е, нагласи, ако сите заедно соработуваме и не е потребно постојано да имаме барања од општините да направиме нови депонии на нови локации. На тој начин само се губат по две три години на изработка на документи.

Веќе имаме којзнае колку документи и анализи во државава, но ни една инфраструктура за собирање на отпад не е направена. Сега имаме средства од ЕБОР, а за Полошкиот регион и од швајцарската држава, како и ИПА проект за Североисточниот регион кој е речиси готов за да започнеме со рехабилитација на дивите депонии и да изградиме регионална депонија во Свети Николе, но треба претходно да реализираме уште некои барања и решенија од локалната самоуправа кои очекуваме да завршат – посочи Нуредини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.