Просечната каматна стапка на вкупните кредити во август годинава изнесува 4,34 отсто и забележа мал месечен раст од 0,01 процентен поен (п.п.), при остварен годишен пад од 0,15 п.п.. Просечната каматна стапка на вкупните депозити е зголемена за 0,02 п.п. на месечно ниво и изнесува 0,69 отсто, додека на годишно ниво забележа пад од 0,10 п.п., информира Народната банка (НБ).

Во август, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити бележи месечен раст од 0,03 п.п. и годишен од 0,26 п.п. и изнесува 4,04 отсто. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 0,92 отсто и оствари месечно зголемување од 0,08 п.п. и годишно од 0,42 п.п., соопшти НБ.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор во август, се посочува во соопштението, е зголемена за 0,02 п.п. во споредба со претходниот месец и изнесува 3,55 отсто.

Месечната промена се должи на зголемувањето кај сите компоненти: каматните стапки на кредитите во денари без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута за 0,03 п.п., како и каматните стапки на кредитите во денари со валутна клаузула за 0,01 п.п.. Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,05 п.п.,велат од НБ.

Нагласуваат дека каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 3,72 отсто и забележа месечен раст од 0,15 п.п.

Нагорната промена е резултат на растот на сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,74 п.п.), како и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,10 п.п. и 0,03 п.п., соодветно). На годишно ниво, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор оствари раст од 0,49 п.п., прецизираат од НБ.

Во август, додаваат, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесува 1,03 отсто и се зголеми за 0,09 п.п. на месечна основа. Месечното зголемување произлегува од повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,08 п.п. и 0,05 п.п., соодветно), во услови на забележан пад на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,11 п.п.). Во споредба со август минатата година, оваа каматна стапка е пониска за 0,06 п.п.

Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор, во август, оствари месечен раст од 0,16 п.п. и изнесува 0,81 отсто. Нагорната промена се објаснува со зголемувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,44 п.п. и 0,11 п.п., соодветно). Истовремено, каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула, овој месец, изнесува 0,20 отсто, за разлика од претходните три месеци кога банките и штедилниците не примиле ваков вид депозити. Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор бележи раст од 0,35 п.п., на годишно ниво, посочуваат од НБ.

Во август, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата, пак, е намалена за 0,01 п.п. во споредба со јули и изнесува 5,07 отсто.

Притоа, месечната промена е резултат на пониските каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), во услови на непроменета каматна стапка на денарските кредити без валутна клаузула. Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,21 п.п., истакнуваат од НБ.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, во август, изнесува 4,49 отсти и во споредба со претходниот месец забележа пад од 0,10 п.п.

Надолната промена произлегува од намалените каматни стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,13 п.п. и 0,09 п.п., соодветно), додека кај каматните стапки на кредитите во странска валута е остварен раст (за 0,09 п.п.). Каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи раст од 0,07 п.п., на годишно ниво, се вели во соопштението од НБ.

Се нагласува дека во август, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е зголемена за 0,01 процент на месечно ниво и изнесува 0,66 отсто.

Анализирано по валута, месечниот раст се должи на зголемените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута за 0,01 п.п., при забележан пад на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула за 0,01 п.п.. Во споредба со август претходната година, оваа каматна стапка е пониска за 0,09 п.п., порачуваат од НБ.

Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата, пак, изнесува 0,97 отсто и оствари раст од 0,05 п.п. на месечна основа.

Нагорната промена се објаснува со повисоките каматни стапки на депозитите во странска валута и каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,09 п.п. и 0,08 п.п., соодветно). Истовремено, каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула, овој месец, изнесува 1,10 отсто, за разлика од претходните пет месеци кога банките и штедилниците не примиле депозити од овој вид. Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата забележа годишно зголемување од 0,44 п.п., потецнираат од НБ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.