И покрај најавената инвестиција на Владата за производство на електричните возила на Е-гоу за која беа одобрени милионски субвенции, но никогаш не се оствари, во Македонија тешко, па дури и невозможно е да се произведуваат автомобили, вели претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо.
„Тоа што мене ми падна во очи е дека не се сеќавам дека некој од компанијата Е-гоу официјално дојде да го објасни целиот тој процес, на кој начин ќе се произведува школката на возилото, дали таа ќе биде метална, од карбонски влакна или некој друг вид на композити. Од каде ќе доаѓаат батериите, електромоторите, што точно и на кој начин ќе се составува овде и каде ќе се произведуваат возилата. За тоа треба да има поврзаност со железница, дали до пристаниште па потоа со бродски транспорт или со железница директно до некои централни транспортни хабови од каде со друг транспорт ќе се пренесат до крајните потрошувачи, сметам дека тоа е неопходно. Во нашиов случај беше избрана зоната во Тетово, но таа директно нема пристап до железница“, изјави Мизо во поткастот „Каде се парите“.
Мизо потенцира дека внатре во фабриката мора да има начин како возилата кога ќе бидат тестирани, склопени но и фабриката да биде многу блиску, за да може автомобилите директно да се товарат на транспортни железнички вагони.
„Дополнително нешто што мене ми претставуваше сомнеж од моментот кога беше најавена во август 2022 година е тоа што поминаа речиси 18 месеци од најавата и кога знаете колкав капитал вложувате, сакате и брзо да се реализира. Дополнително возилото кое беше иницијално претставено, гледаме дека не само во Кина, туку и во Европа е по цена од 10-12 илјади долари. Така да брзината на одобрување на сите оние перформанси и намалување на цената на електричните возила посебно за такви мини возила, е толку брза во Кина што е тешко да може некој да ве увери дали во тој сегментможе да се биде конкурентен на Азија“, рече Мизо.
Мизо одговара и на тоа што Европа се двоуми околу идејата за применета на електрични автомобили, но и за тоа зошто кога е во прашање развојот на автомобилската индустрија, не се осмелува ниту еден производител да донесе барем некој мал производ што може да го склопи во Македонија.
„Во Европа има поголем капацитет за производство отколку што е побарувачката во моментов. Дополнително при производство на возила секогаш треба да се земе предвид индустриската традиција на државата. Ако гледаме на просторите на поранешна Југославија, таква индустрија имавме во Војводина, БиХ, Словенија. Фиат ја презеде фабриката на Застава. Производстсвото во Босна не постои, а во Словенија сѐ уште опстана производството на Рено. И Фиат 500 Л кој се произведуваше во Србија не се произведува компанијата планира да се произведува нов модел. Индустриската традиција за производство на вакви возила кај нс не постои. Дополнително за производство на 200 илјади возила на годишно ниво, многу поразлични од она што се кажа за Е-гоу, едноставно потребни се не помалку од 300 хектари со целосна инфраструктура. Таква фабрика побарува сигурно и 10 илјади вработени и голем број добавувачи. Таква локација е многу тешко да се најде во Македонија, а прашање е и дали ние може да канализираме постоечки компании од автомобилската индустрија. Потребен е кадар обучен од оваа индустрија и прашање е дали тој ќе мигрира кон оваа фабрика. Со популација како нашата и можностите кои ние би ги понудиле за производство на возила, според сите темелни анализи, е многу тешко, па дури и е во рамки на невозможното да се произведуваат возила“, потенцира Мизо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.