Премиерот Димитар Ковачевски денеска соопшти дека и оваа година ќе продолжат субвенциите за справување со економската и енергетската криза за што се предвидени 225 милиони евра во Буџетот. Како што рече, одговорајќи на пратенички прашања, Владата вети дека нема да има ценовен шок за граѓаните до крајот на 2023-та.
Во мојот Кабинет ангажирав советници со големо искуство во економијата и енергетиката, работевме деноноќно, со план, со знаење и со напорите што ги направија сите институции, се потврди дека може на граѓаните да им се испорача тоа што им е ветено и да нема ценовен шок ниту за нив, ниту за компaниите – подвлече Ковачевски.
Тој се осврна на двата пакета антикризни мерки вредни 760 милиони евра кои, според Светска Банка, беа најголеми од сите земји во регионот. Напомена и дека веќе има намалување на цената на лебот, млекото и зејтинот во маркетите.
Се интервенираше уште кога почна растот на цената на струјата. Во декември 2021 година се замрзна цената на основните прехранбени производи за три месеци, заклучно со февруари 2022 година, пред војната во Украина. Потоа преминавме кон ограничување на маржите, мерка која е продолжена до 30 април 2023 година и тоа важи за белиот леб, зејтинот, шеќерот кои остануваат со пет отсто трговска маржа, а млекото, кашкавалот, јајцата,… се со 10 проценти маржа. Граѓаните се уверија дека Владата, како што кажа, не дозволи ценовен шок во однос на електричната енергија за населението и малите потрошувачи – потенцираше Ковачевски.
Во врска со субвенциите што ги пишува на сметките за струја, Ковачевски рече дека се можност граѓаните да имаат увид каде се трошат парите од Буџетот, но претставуваат и поттик за уште поголемо штедење електрична енергија.
Со задоволство можам да кажам дека имаме 15 проценти заштеда на електрична енергија во 2022 во однос на 2021 година – заклучи Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.