Преку водење соодветни политики, Народна банка ја задржа финансиската стабилност, односно стабилноста на банкарскиот сектор, што е важен предуслов за постигнување здрав и одржлив економски раст. При присуство на ризици, важно е да се продолжи со претпазливи политики и натамошно зајакнување на отпорноста, оценија на заедничката средба гувернерката на НБ Анита Ангеловска-Бежоска и новоименуваната грчка амбасадорка во земјава, Софија Филипиду.

На средбата е истакнато дека Народната банка постојано и системски ја зајакнува регулаторната и супервизорската рамка, што придонело за стабилен и здрав банкарски сектор во услови на криза.

И Европската комисија донесе одлука со која оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на Европската Унија, по примерот на земји како САД, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, коишто ги исполнуваат овие стандарди. За време на последната криза беа преземени и дополнителни макропрудентни мерки, како воведување противцикличен заштитен слој на капиталот, заради дополнително зајакнување на отпорноста на банкарскиот сектор, се наведува во соопштението од Народна банка.

Банкарскиот сектор, како што се посочува, во текот на целата криза, ѝ дава значителна поддршка на економијата. Минатата година, вкупната кредитна поддршка е искачена на 9,4 проценти, особено кај корпоративниот сектор каде што достигна 11,5 проценти.

Притоа, особено е важно дека кредитната поддршка е обезбедена при задржана стабилност на банкарскиот систем. Според последните податоци, стапката на адекватност на капиталот се зголеми достигнувајќи 17,7 проценти, а нефункционалните кредити се задржуваат на ниски нивоа (3,3 проценти). Сепак, ризиците постојат и неопходно е натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, се вели во соопштението.

Соговорниците разговарале и за тековната економска состојба и за глобалните и домашните макроекономски предизвици. Гувернерката ја истакнала заложбата на Народната банка за обезбедување среднорочна ценовна стабилност, за да се осигури попредвидлив и стабилен амбиент, поволен за среднорочен раст на економијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.