Скопјани останаа без парно греење по прекинот на електричната енергија во повеќето скопски населби. Од ЕСМ информираа дека греењето ќе се нормализира.

„Што се однесува до системот за парно греење во Скопје, прекинот е настанат поради прекинот на електрична енергија која е неопходна за работа на пумпите во топланите и на пумпите во зградите. Пумпите автоматски се вклучуваат при обновен доток на електрична енергија и е потребно извесно време за нивно подигање, со што се очекува во текот на вечерта греењето да се врати во нормала. Во зградите коишто се постари и со постар тип на топлотни пумпи, вклучувањето ќе се изврши рачно од страна на стручни лица“, велат од ЕСМ.

Оттука додаваат дека производството на електрична енергија од АД ЕСМ тече според предвидениот план за производство и согласно номинациите на ЕВН и другите потреби.

Работат два блока во РЕК Битола, гасната електрана Енергетика во Скопје, еден котел во ТЕЦ Неготин, хидроелектраните според потребите и се презема и електричната енергија од ТЕ-ТО, согласно важечкиот договор.

Нема никаков застој во производството и електраните се подготвени во секој момент да испорачаат потребни количини енергија во системот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.