Економски аналитичар и поранашен советник во македонското Министерство за финансии Бранислав Јовановиќ, во вчерашното вклучување во емисијата „Топ тема“ потенцираше дека извештајот на Светска банка, во кој се проектира дека економскиот раст на Македонија ќе биде 1.2 проценти, е превисок и преоптимистички.
Извештајот на Светска банка е дури и преоптимистичен за Македонија, затоа што прогнозата којашто тие ја даваат за економскиот раст оваа година од 1,2 проценти, мислам дека е превисока. Ние како Институт проектираме 1 процент раст. За следната година тие проектираат 2,7 значи уште подобро од оваа година, а ние за следната година проектираме забавување 0,6 проценти. И скоро сите други институции во светот за наредната година проектираат забавување, бидејќи следната година ќе биде потешка од оваа, посочи тој.
Јовановиќ потенцираше дека Светска банка во својот извештај проектира најнизок раст на Македонија во однос на земјите од регионот бидејќи најлошо се справува со кризата, како и дека самиот извештај потврдува дека во Македонија ќе се зголеми бројот на сиромашни граѓани за 13 проценти, односно од 450.000 за само една година ќе има нови 50.000 сиромашни граѓани.
Според мене два моменти се главни во Извештајот на Светска банка, а тоа е дека растот кој што ќе го има оваа година Македонија е најнизок во регионот. И тоа е првата главна порака дека Македонија од целиот регион најлошо се справува со оваа криза во овој момент. Второ што е многу важно, тие имаат еден пасус во Извештајот каде што кажуваат дека голема е шансата оваа криза да ја зголеми стапката на сиромаштија односно бројот на сиромашни во државата за дури 13 проценти. 13 проценти пораст на сиромаштија значи дека од сегашните 450.000 сиромашни, ќе имате уште 50.000 сиромашни само во период една година од оваа криза со инфлација, со покачување на цената на храната и се останато, истакна Јовановиќ.
Светска банка праќа порака дека оваа криза сега што ја гледаме, скокот на цените, најмногу ги погаѓа најсиромашните и ако владата не преземе мерки ќе имаме барем 50.000 нови сиромашни, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.