За пропаѓањето на Еуростандард банка, Трифун Костовски ги обвини Народна банка, менаџментот на Комерцијална банка, јавното обвинителство, Владата и останати државни институции задолжени за истрага и борба против организираниот криминал. Ги обвини дека сите тие се учесници во организираниот криминал којшто денес владее во банкарскиот сектор, а кој безмилосно ја вшмукал и Еуростандард банка која ја имала таа несреќа да отиде во стечај пред две години.

Не занемарувајќи ја улогата и вината на сите евентуални учесници во организираниот криминал во банкарскиот сектор којшто можеби владее и ден денес, останува клучно прашањето кој ја ограби Еуростандард банка. Дали учесниците наведени погоре се оние кои безмилосно потпишувале и со тоа доделувале и одобрувале ненаплатливи кредити во Еуростандард банка на фирми кои не биле кредитоспособни, дали фалсификувале документи или вршеле нереална класификација на ризикот на клиентите во банката? Или пак, тоа можеби го направиле некои вонземјани кои ја посетиле Еуростандард банка и тајно ги собрале парите од депозитите на правните и физички лица депоненти во банката?

Трифун Костовски како да заборава дека, меѓу другото, ѝ јавно призна свесно сторено кривично дело во 2019 година со незаконското префрлање на 3 милиони евра од депозитите на правните и физички лица од Еуростандард банка на сметка во Комерцијална банка, за да служат како обезбедување за кредити доделени на трети лица. Дали Трифун Костовски заборави ѝ дека во изминатиот период јавно сподели повеќе примери на нелегални дејствија кои се случувале внатре во банката, од доделување на неповратни кредити без соодветни гаранции, лажни процени на имоти за да формално служат како гаранции за кредити, раздадени кредити на несолветни фирми со меници како единствено обезбедување и низа други сведоштва за незаконски активности? Сигурно се сеќава дека таков е примерот и со фирмата на вујкото на директорот на банката Николче Петкоски, преку која фирма од Еуростандард банка биле пласирани повеќе од еден милион евра на позадински фирми како краткорочни позајмици во повеќе наврати, за да никогаш не се вратат назад во банката.

Трифун Костовски веројатно заборава и дека кредитите се одобрувале од кредитниот одбор, а одредени кредити, над одреден процент од капиталот на банката, биле предмет на одобрување на надзорниот одбор. Претседател на кредитниот одбор на Еуростандард банка бил неговиот син Коста Костовски, додека претседател на надзорниот одбор бил лично тој, Трифун Костовски.

И сега само мало потсетување за фактичката состојба на Еуростандард банка на денот на нејзиното затворање пред две години. Фактите од официјалниот извештајот за стечајот на пропаднатата банка говорат дека во неа имало нефункционални кредити од 149 фирми чиишто вкупен износ е околу 55 милиони евра или 73 отсто од кредитното портфолио за фирми во банката. Според извештајот, сите овие фирми не платиле ниту една рата од земените кредити, а повеќето од нив должат со години додека обезбедувањето на кредитите односно хипотеките кај најголем број од нив се далеку помали од износите на дадените кредити. Од нив пак, 58 фирми имаат добиено кредити во вкупен износ од 16,8 милиони евра покриени единствено со обични меници, кредити кои денес не можат да се наплатат.

Зошто е ова важно? Бидејќи повеќе од 100 физички лица и околу 2.000 правни лица, заедно со Фондот за осигурување на депозити како најголем доверител, останаа да ги побаруваат своите лични парични средства во стечајната постапка на Еуростандард банка. Тие го прашуваат Трифун Костовски и неговата дружина од Еуростандард банка дали ги препознаваат учесниците во организираниот криминал внатре во банката или тоа се сепак некои вонземјани. На повикот на Трифун Костовски да Здружението престане да функционира бидејќи членовите се обештетени, сакаме да му порачаме дека во целиот внимателно испланиран КРИМИНАЛ, единствен чин кој не бил планиран е дека оштетените ќе се обединат и заедно ќе се борат против криминалците, така да се додека има оштетени кои не се исплатени Здружението ќе постои и секакви повици да истото се расформира се залудни!

Одговорност и враќање на парите мора да има. Одговорот треба да го даде Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, коешто час поскоро се очекува да ја заврши истрагата која ја води повеќе од една и пол година и да ја објави одлуката.


Здружение на оштетени штедачи на „Еуростандард банка“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.