На предлог на Министерството за економија во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Владата на денешната седница донесе одлука да ја продолжи забраната за извоз на одделни житарици и сончогледово масло до 15 мај 2022 година, објави на својот Фејсбук профил министерот за економија Крешник Бектеши.

Согласно оваа одлука и во наредните 30 дена до 15 мај 2022 година ќе биде забранет извоз на: пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе од сончоглед-вклучувајки кршено или дробено, масла од семе од сончоглед, шафраника или мапуково семе и нивни фракции, пречистени или непречистени, но хемиски немодификувани, од сончоглед.

Исто така, на предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за укинување на увозната давачка-царинска стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење до 31 мај 2022 година.

Потребата за продолжување на рокот за забрана за извоз за следни 30 дена односно по 15 април 2022 година до 15 мај 2022 година, како и да се укине царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење до 31 мај 2022 година е да се задржи тековната состојба на домашниот пазар од можноста на сериозни пореметувања поради недостаток на стоки, неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните, до новата реколта, како и дополнителен стимул за одржување на снабдување на домашниот пазар од растот на цените, напиша министерот Бектеши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.