Министерот за економија Крешник Бектеши денеска од собраниска говорница го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски јавно да ги соопшти контактите за набавка на поевтини енергенси и да каже за кои компании се работи, за какви понуди и по кои цени или ако неќе тоа да го стори, да ги достави до Министертсвото за економија.

Бектеши рече дека е подготвен и директно да разговара со Мицкоски, лично да го побара. Воедно апелира, ако Мицкоски не сака да ги објави контактите, тогаш, да ги достави во понеделник до Министерството за економија, а Бектеши потоа лично, како што рече, ќе ги објави и ќе ги однесе во АД ЕСМ.

Јас ќе прземам одговорност и ќе му се јавам на Мицкоски. Ќе ги објавам контактите и ќе ги доставам до ЕСМ. Сметам дека целата јавност треба да знае и да биде информирана. Се треба да биде транспарентно. Во понеделник сум тука, нека ми ги достави Мицкоски контактите, а јас јавно ако треба ќе го однесам во ЕСМ, да видиме од кои извори доаѓаат. Време на кризна состојба е, има некои работи кои државата не може да ги направи, членка сме на НАТО, рече Бектеши.

Според него, никој не кажал дека нешто не се прифаќа.

Ние ги прифаќаме најдобрите понуди за набавка на енергенси за да имаме пониски цени. Зборувате за контакти. Објавете ги, јас лично ако треба ќе му се јавам на Мицкоски. Ако не сака да ги објави, нека ги достави до мене, јас ќе ги објавам. И вчера кажав, ние сме подготвени да разговараме со секого, вклучително и со Мицкоски за да ја надминеме кризата што полесно, со сите компании, државни или локални. Би апелирал, јавноста и медиумите транспартентно да бидат известени, контактите на ВМРО-ДПМНЕ или понудите треба да се обзнанат, да се знае од каде доаѓаат, каква цена имаат. Потсетувам дека ЕСМ има законска обврска да ја избере најевтината понуда. Христијан Мицкоски јавно да ги соопшти контактите за набавка на поевтини енергенси и да каже кои се тие компании, какви се понудите и цените, истакна Бектеши на пленарната седница на која се расправа по предлог-одлуките за продолжување на кризната состојба во енергетиката на ниво на државата и во однос на топлинската енергија на ниво на Град Скопје.

Бектеши рече и дека му е мило што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи предлог-одлуката.

Мило ми е што е сменет ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на поддршката за продолжување на кризната состојба. Тоа е добро за граѓаните. Во вакво време треба да се занимаваме со суштински прашања, а не со политиканство, нагласи министерот.

Пред него и прв за збор се јави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски кој обвини дека Владата нема план како да се зголеми поизводството и како да се заштеди. Наместо најавените 300 милиони евра, рече, ќе се потрошат многу повеќе.

Кризната состојба ќе ви овозможи склучување набавки во четири очи. Кажете дека планот ги опфаќа само домаќинствата и малите потрошувачи, без стопанството. Зошто се уште молк и зошто не се обидувате да ги поканите оние што ви нудат план со партнери од Европа за набавка на гас и енергенси и да ги заштедиме оние 300 милиони евра кои се планирани, а ќе бидат повеќе. Сакаме да слушнеме план и отчетност зза тоа каде се трошат и каде ќе завршат парите, рече Стојаноски.

Според него, веднаш откога ќе биде изгласано продолжување на кризната состојба, Владата ќе треба да ја повика ВМРО-ДОМНЕ за да и ги даде контактите за набавка на евтини енергенси.

Нудиме дебата и идеи, нудиме помош, но, за жал, планот на Владата нема да се ефектуира зашто е нереален, базиран на нереални основи, истакна Стојански.

Тој оцени дека е крајно несерионо Бектеши како министер да повикува некого јавно да каже понуди.

Наместо тоа, треба да го повикате Мицкоски и да разговарате. Ваквото повикување, јавно да ги каже понудите, укажува дека немате никаква намера да помогнете за да се излезе од кризната ситуација, нагласи пратеникот.

Стојаноски уште еднаш укажа дека ако и стопанството не добие помош, можно е голем број компании да затвпра, многу луѓе да останат без работа, да не земаат плата што значи и стотици милиони евра помалку во Буџетот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.