Започна поставувањето на цевките од топловодот од РЕК „Битола“ до Битола. Како што информираат од АД ЕСМ, со засилен интензитет се подготвува трасата низ која ќе поминува топловодот кој ќе обезбеди топлинска енергија за Битола, Новаци и Могила – трите општини во близина на РЕК „Битола“.
Првите цевки се поставени на излезот од РЕК „Битола“ кон Новаци и тие треба да ја прифаќаат топлинската енергија која се создава како нус производ во текот на производството на електрична енергија и да ја спроведуваат во системот за парно греење на трите општини. Изведувачите на работите, фирмите Рапид Билд и Гранит во оваа фаза имаат трасирано повеќе од два километри од топловодот, обезбедувајќи работен простор за машините кои ги транспортираат и поставуваат цевките, соопшти ЕСМ.
Оттаму потсетуваат дека почетокот на проектот Топлификација на Битола, Новаци и Могила беше означен во декември минатата година.
Проектот е во вредност од 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германската КфВ банка, а 7 милиони се средства на АД ЕСМ. Рокот за изведба на проектот е две години. Согласно планот, на почетокот на топлификацијата ќе се приклучат 35 општински и државни институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила, велат од ЕСМ.
Како исклучително значајни ги оценуваат еколошките придобивки од Топлификацијата.
Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите, така и во домовите. На тој начин, создаваме долгорочно и одржливо решение за намалување на загадувањето во Битола и околината.Топловодот дополнително ќе даде можност и за загревање на земјоделски оранжерии, со што ќе се обезбеди поддршка на развојот на земјоделството во пелагонискиот регион, нагласуваат од АД ЕСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.