Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека во Струга е затворена фабрика за производство на канабис за медицински цели и спречено е производство на дрога вредна пет милиони евра. Акцијата е спроведена вчера во објект во селото Дрслаица во општина Струга.
– При контролата е констатирано дека инсталираниот видео надзор не го покрива целиот објект и правниот објект не е заштитен (ограден според прописите, има оштетувања на повеќе места на жичаната ограда на која се констатирани отвори со моќност за непречен влез и излез од правното лице). Исто така пронајдени се 3442 засадени растенија канабис кои се одгледуваат во надворешни услови, без соодветна атмосферска заштита, што е спротивно на условите и прописите во Законот за контрола на опојни дроги, а правното лице има пријавено дека засадиле 4304 растенија, соопшти МВР.
При извршената контрола пронајдени се уште 1007 растенија канабис и расад со растенија канабис кои се засадени во надворешна парцела, за која правното лице има добиено само дозвола за проширување, но не и за засадување на растенија од канабис. Констатирани се и бројни неправилности во однос на известувања за кадарот, просторот и начинот на работење.
– Од извршениот увид и контрола во правниот субјект е констатирано дека има вишок на неевидентирани засадени растенија канабис, што е исто така спротивно на Законот за контрола на опојни дроги.
Констатирано е дека правното лице во повеќе сегменти одгледува канабис за медицински цели во услови спротивни на прописите. Од страна на Комисијата беше составен записник за констатирана состојба, изготвен записник за претрес и известен е Јавен обвинител од ОЈО Струга, по чии насоки сите предмети се одземени, се наведува во соопштението.Од страна на СВР Охрид до Основното јавно обвинителство во Струга ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело од Законот за контрола на опојни дроги и од Кривичниот законик.
Според експертите од Министерството за здравство, доколку овие растенија биле оставени да произведат цвет, би се добиле околу 2,5 тони канабис кои доколку би се продале на црниот пазар, би донеле противправна имотна корист од пет милиони евра.
Два дена по ред, МВР во координација со Министерството за здравство презема мерки за спречување на недозволената трговија со дрога.Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.