Вознемиручако видео од куче кое квичејќи паѓа од 7. кат од зграда во Тетово споделија од Анима Мунди, со обвинение дека кучето присилно било фрлено со стап од страна на инвеститорот и двајца пожарникари, откако залутало во станбен објект во изградба. Од здружението велат и дека граѓаните кои пријавувале во полиција и на бројот 112 биле изложени на потсмев и им била спуштена слушалка. Активистите апелираат да се пронајдат службениците кои го примиле повикот и да не се дозволи овој случај да помине неказнето.

Дали во Македонија владее колективно лудило и безредие, и ова ќе биде само еден во низата фрапантни случаи на насилство кои ќе помине неказнето, или конечно некој ќе се одважи и постапи, изврши истрага и додели казна затвор за екстремна свирепост и мачење и убиство на животно?!, прашуваат од Анима Мунди.

Од друга страна, командирот на противпожарната единица Тетово, Авни Ахмети, негира дека пожарникарите присилно го фрлиле кучето и уверува дека целата ситуација е само несреќен случај. Сепак, тој вели дека ако се добијат соодветни докази, ќе биде законски постапено по пожарникарите кои биле на местото.

И на сликата се гледа многу добро дека кучето паднало само. Се знае дека пожарникарите во Тетово одат на вакви интервенции и сигурно се случило нешто незгодно. Да се кажува дека пожарникарите намерно го фрлиле кучето од зграда нема логика. Ако се случило такво нешто, ако има доказ – нормално ќе се преземат законски мерки против пожарникарите кои учествувале во таа акција“, вели командирот.

Целосно расчистување на случајот најавија од СВР Тетово, од каде посочуваат дека вчера попладнето добиле пријава од тетовец, кој навел дека настанот се случил откако кучето во објектот се обидувале да го заловат двајца тетовски пожарникари.

Засега информациите од ЦУК се дека на бројот 112 имало една пријава за овој случај. Оттаму за Канал 5 информираат дека разговорот бил преслушан од страна на раководителот и дека операторот професионално постапил по пријавата. Првиот човек на ЦУК Стојанче Агелов апелира до Анима Мунди доколку имаат точни сознанија за времето на повикот и лицето кое го извршило, да го информираат Центарот за подетално да се проверат разговорите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.