Велешанка на 30-годишна возраст е уапсена под сомнение дека набавувала хероин и марихуана за својот сопруг кој издржувал затворска казна, а за да ѝ помогне во тоа ангажирала таксист од Велес. Против сите тројца се покренати кривични пријави, а за жената и таксистот е побаран притвор, соопшти велешкото Основно јавно обвинителство.
Против трите лица е покрената истражна постапка за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик, наведува ОЈО Велес.
На 29 октомври, 30-годишна жена неовластено заради продажба држела наркотична дрога – марихуана во количина од 978,6 грама и хероин во количина од 0,31 грама. На тоа со умисла ја поттикнал второосомничениот – нејзиниот сопруг кој се наоѓал на издржување на казна затвор, а за да ја набави дрогата и помогнал третоосомничениот, ставајќи ѝ на располагање средства за извршување на кривичното дело“ – се вели во информацијата од ОЈО Велес.
Сопругот телефонски ја известил осомничената дека треба да оди во Скопје за од таму да ја преземе дрогата која потоа требало да му ја предаде нему во затворот. Таа го ангажирала третоосомничениот со неговото такси-возило да ја превезе. Во близина на Катланово, оштетената излегла од такси-возилото, па ја купила дрогата од непознато лице за сума од 1.800 евра и се вратила во возилото, каде му кажала на таксистот дека ја набавила дрогата. Со автомобилот се упатиле кон Велес, но на наплатната станица Сопот, полициски службеници од СВР Велес извршиле контрола, ја пронашле и ја одзеле наркотичната дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес достави предлог за определување мерка притвор против првоосомничената и третоосомничениот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.