Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски денеска ги оцени како несериозни и непрофесионални изјавите од било кој функционер за убиството во Железара и го повтори апелот на Јавното обвинителство да не се навлегува во детали што би можеле да ја загрозат истрагата.

– Во целост ќе го поддржам апелот на ЈО од страна на која било институција што е вклучена во рамки на нејзини надлежности при расветлување на овој случај, да не навлегува во детали што би можеле да ја загрозат кривичната истрага. Несериозни и непрофесионални изјави, не сум ги слушнал, но, ако е така како што велите, дека било кажано од страна на кој било функционер, можам слободно само да кажам дека станува збор за несериозна и непрофесионална изјава, одговори тој на новинарско прашање за тоа какви се неговите сознанија во врска со случајот.

Тошковски додаде и дека не би можел да навлегува во детали, во однос на сите оние дејствија што се преземаат од страна на Министерството за овој случај.

Претходно, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во изјава за МИА потврди дека лекарот кој бил пронајден мртов на паркингот пред поликлиниката Железара, според досегашните сознанија, не бил убиен во автомобилот во кој беше пронајден.

– Од страна на Министерството за внатрешни работи собрани се докази и според тоа што досега е утврдено може да кажам дека лицето не е убиено во автомобилот. Како е донесено на паркингот не можам да кажам за да не ја нарушиме истрагата, изјави Бојмацалиев.

Шеесет и седумгодишниот матичен лекар беше пронајден мртов со убодни рани во возило на паркингот пред поликлиниката Железара. Според пријавата во полиција, тој бил пронајден од неговите синови кои почнале да го бараат бидејќи не се вратил дома од работа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.