Маж на околу 60 години од велешката населба Речани, целиот искасан од оси и во состојба на кома, денеска со Брза помош бил однесен итно во велешката болница.

Д-р Милка Панова од Брза помош во Велес, за МИА изјави дека повикот го добиле во 11.05 часот и кога стигнале, лицето било во кома и без знаци на живот, со повеќе убоди од оси на рацете, лицето и по целото тело.

Веднаш го реанимиравме и му дадовме соодветна терапија, бидејќи беше очигледно дека лицето е алергично на оси и во состојба на кома, итно со нашето возило на Брза помош го однесовме во велешката болница, информира д-р Панова.

Д-р Eлена Левкова-Ќулумова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, за МИА изјави дека мажот бил донесен во тешка состојба, но по укажаната медицинска помош и по неколкучасовно посматрање се освестил и во добра здравствена состојба од велешката болница бил пуштен на домашно лекување.

Д-р Панова од Брзата помош вели дека каснувањата од оси, пчели, стршлени и други инсекти е често во летните месеци. Дел од каснатите сами се јавуваат во Брза помош, а има и во тешка состојба за кои случајот го пријавуваат нивни роднини и пријатели и случајни минувачи.

Препорачливо е граѓаните да внимаваат каде и како се движат, а посебно оние кои се алергични на оси, пчели и други инсекти, да ја носат со себе потребната терапија за да го заштитат својот живот. Некои од алергичните кои не се заштитени, за жал, завршуваат и фатално, предупредува д-р Панова.

Таа информира дека годинава немало пријави за каснување од змија како во изминатите лета кога најчесто биле каснати луѓе кои работат во полињата и на отворено.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.