Истражните полициски служби од Одделението за внатрешни работи од Кочани работат на расчистување на случај со почината 74-годишна жена, а за што постојат сомневања дека е последица на семејно насилство.

Неподвижното тело на жената го нашла роднина која живее во близина на семејниот дом на починатата, по што ја известила полицијата.

На 23. ноември, околу 09:30 часот било пријавено дека во својот дом во селото Бели, во кој живеела со 53 годишниот син М.Р., била пронајдена почината В.Р. Подоцна, при преглед на телото на починатата, лекар од Итна медицинска помош од Кочани забележал траги на насилство. Во координација со јавен обвинител телото било дадено на обдукција, стои во известувањето од Полицијата.

Синот на почината бил лишен од слобода, а по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.