Приведени се тројца криумчари на мигранти, а пронајдени седум мигранти од Сирија на регионалниот пат Демир Капија – Неготино, информираше денеска Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.

Синоќа во 22:45 часот од страна на полициски службеници за ГП и ГН Богородица во координација со полициски службеници од ПС за ГН Михајлово, на регионалниот пат Демир Капија- Неготино, во близина на „Прждевски споменик”, сопрено е патничко моторно возило „голф“ со тетовски регистерски ознаки, управувано од М.Р. (27) од Тетово. При преглед на возилото пронајдени се седум мигранти од Сирија. Запрено е и возило „голф“ со тетовски регистерски ознаки, управувано од К.Б. (29) од Боговиње, а совозач бил Џ.А. (33) од Боговиње, кое служело како претходница, појасни Самарџиев.

Тој додаде дека тројцата криумчари на мигранти се приведени во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.