На автопатот А1, Неготино – Градско, во близина на клучка Неготино, синоќа во 20 часот полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки во Одделот за гранични работи и миграции во Биро за јавна безбедност, лишиле од слобода малолетник од село Студеничани, скопско. При контрола во патничко возило „фиат стило“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени осум лица мигранти од Сирија, од кои еден малолетник, соопшти МВР.

Во 20:05 часот на автопат А1, во близина на локалитет „Стоби“, друг тим на Мобилната единица ги привела 30 годишниот Е.Д. и 46-годишната Е.Ш., двајцата од Скопје. Тие се сомничат дека со патничко возило „фолксваген голф “ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Е.Д., биле претходница на возилото „фиат“ во кое се превезувале мигранти.

Лицата бил приведени во полициска станица, а мигрантите биле спроведени во прифатнo-транзитен центар за понатамошна постапка.

Од МВР најавија дека по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.