Во драматична комбинирана акција од воздух и од земја, денеска е спасена 68-годишна туристка од Чешка, со тешка скршеница на ногата на Галичица, на околу 2 000 метри надморска височина.

Како што соопшти ЦУК, во акцијата за спасување биле вклучени спасителите од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид и интервентен хеликоптерски превоз на МВР.

-Спасителната акција се одвивала буквално во временски меѓупростор на транспорт на доброволци и вода при гаснење пожар на планината Галичица, по што храбрите доброволни спасители од Охрид и пилотите на МВР се вратија на гаснење на големиот пожар на планината, наведуваат од ЦУК.

Повикот за помош бил примен на 112 во ЦУК, околу 13.50 минути, а потоа веднаш од Секторот за операции и координација од ЦУК било контактирано со доброволните спасителите од Охрид, коишто практично една недела цело време се ангажирани за гаснење на пожарот во Национален парк „Галичица“ и директно со своите членови, а и логистички за поткрепа на другите противпожарни сили. Тие овие неколку денови на тешко пристапниот терен се превезувани со хеликоптер на МВР, само со опрема за гаснење и главно дејствувaат на терен како пожарникари на тешко пристапен планински места. Немале со себе адекватна медицинска опрема, но заради брзината на дејство со хеликоптерот на МВР, веднаш дел од доброволните спасители  отишле на местото на несреќата и со импровизирани средства извршиле имобилизација на повредената повозрасна туристка од Чешка, а потоа и нејзино носење до точката каде што можеле да ја стват во хеликоптерот на МВР.

-Практично, во 15.30 часот повредената беше безбедно пренесена во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија, а тимот од доброволците – спасителите од  Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид се врати да им помогне на своите останати членови и на пожарникарите и ренџерите од НП „Галичица“  во борбата со огнената стихија. Секоја чест на храбрите спасители и пилотите на МВР кои покажуваат на дело како сите и доброволци и припадници на институции и служби, обединето и координирано дејствуваат при спасување при животозагрозувачки ситуации во нашата држава, нешто што дава поттик за надоградба на таквата соработка, посочуваат од ЦУК во соопштението.

Од МВР ја потврдија спасувачката акција во која бил ангажиран хеликоптер Бел 412 од Одделот за воздухопловни единици, кој потоа продолжил со активности за гасење на пожарот во реонот на Галичица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.