Еден полицаец од Сарај и еден неодамна фатен наркобос од Грчец со иницијали С.Б., кој требало да биде во куќен притвор, се приведени во полициска станица во Скопје во врска со вооружениот грабеж во „Уни банка“ во Капиштец, дознава „СДК.мк“. Двајцата осомничени се приведени од интервентната полиција на МВР.

Додека тие се во полициска станица, се проверуваат безбедносните камери во банката, за да се проверат сомневањата дека двете приведени лица имаат врска со грабежот.

Сомневањата произлегле од тоа што при контрола на нивното возило, во задниот дел биле најдени панцири, ракавици, дуксери со длабоки качулки и други предмети кои асоцирале на опрема за грабеж и насилство.

Како што пишува „сдк.мк“, С.Б. долго време бил недостапен на органите на прогонот, а кога бил фатен, тој од судија на претходна постапка од Основниот Кривичен суд, добил само куќен притвор. На барани криминалци со потерница, особено за дела од организиран криминал (шверц на дрога), досега во полициско-обвинителската пракса немало случај да им се дава поблага мерка – куќен притвор, туку право оделе во Шутка.

Грабежот се случи денеска во 12.35 часот. Во Полициска станица Центар било пријавено дека од експозитура на банка на подрачје на Центар три лица со закана со оружје од вработените одземале пари, по што во близина на местото на настанот едно од лицата испукало куршум. Повредени лица нема. МВР соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во врска со приведените наркобос и полицаец кој го возел, МВР нема коментар. Нема коментар за идентитети на приведените лица, а од МВР информираат само дека „има приведено две лица“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.